Годишната програма на Младинскиот културен центар – Скопје вчера беше најавена на прес конференција од директорот на МКЦ, Русе Арсов, кој заедно со заедно екипата која ја сочинуваат Соња Исмаил Огненоска, Владица Младеновски – Грга, Филип Николовски, Цеце Николовска, Горјан Ѓорѓиев, Маргарита Арсова и Кирил Мечалов дадоа краток осврт на успешно реализираните проекти во текот на изминатата 2018-та година и дадоа увид во програмата која ќе се реализира во текот на оваа година.
Од МКЦ најавуваат дека во однос на музичката програма веќе се закажани манифестациите „Винил конвенција“ и „Здраво млади“, а потврдуваат и гостувања на голем број интернационални. Во нив се вбројуваат бендови како „Операторс“ (Канада), „Нипл Пипл“ (Хрватска) и „Тајгр Лилис“ (Британија) кои ќе го затворат годинешниот Млад отворен театар (МОТ). Наедно обезбедено е и гостувањето на Лиза Жерард („Дед кен денс“) во рамките на нејзината турнеја со бугарскиот хор „Мистери оф д Булгариан Војсес“, наедно најавија и дека ќе бидат домаќини на резиденција на која учествуваат млади уметници од Франција, Белгија, Словенија и Македонија како партнери со „Ле гранд микс“ (Франција), „4АД“ (Белгија) и „Пот Миру“ (Словенија) во проектот „КОНФРОНТ“.
Од МКЦ информираа дека во тек е и европскиот театарскиот проект „Хорот“, во соработка со пет реномирани театари од Европа, чија цел е продукција на заедничка театарска претстава, која ги истражува новите современи облици на театарскиот израз.
Беше соопштено дека МОТ оваа година ќе претрпи измени во однос на датумот на неговото одржување, и оваа година настанот ќе се случува од 12 до 19 септември, а не на крајот на месецот. Причината за тоа е обидот да се избегне поклопување на терминот со Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. Од МКЦ додаваат дека Словенско младинско гледалишче ќе гостува со претставата „Без наслов сè уште“, во режија на словенечкиот режисер Томи Јанежич, кој пред неколку години гостуваше на МОТ со „Галеб“ на Антон Чехов. Тогаш претставата траеше шест часа, а овогодинешниот проект ќе трае 12 часа.
Откриваат дека оваа година имаат уште поголеми и поамбициозни планови во врска со Фестивалот на европски филм „Синедејс“, а со голема возбуда најавуваат дека се планира и гостување на големото име, Џим Џармуш, кој би настапил како музичар со свој концерт. Во овој дел беше најавена и турнејата на претставата „Црнила Ремикс“.
Во однос на програмата на „Детскиот креативен центар“ се зборуваше за ланските проекти „Растеме со класика“ за деца од предучилишна возраст во градинките на градот Скопје, проектот „Играме во стимулативна средина“, како и „Арт и музико-терапија“ за деца со посебни потреби. Потсетија и на премиерата на драмскиот проект каде преку импровизации била создадена театарска претстава на крајот на минатата година.
Од капиталните инвестиции на МКЦ за оваа година планирани се корекција на акустиката на концертната (денсинг) сала, изградба на монтажна летна сцена и промоција на паркот зад МКЦ во простор во кој ќе се случуваат културни настани и реновирање на платото пред МКЦ.
За распределбата на јавните средства оваа година, од МКЦ порачуваат дека во културата е потребно комплетна промена на моделот на распределба на буџетот.
– Повеќе од десет години заговараме да се најдат нови модели на распределување на јавните средства. Тројца луѓе, колку и да се професионални, не можат да одлучат врз основа на 500, 600, 700 сектори за распределба на јавни средства. Мислам дека треба да се работи на комплетна промена на моделот на финансирање и распределба на тие средства, а не за тоа да се решава во кабинети и во некои мали комисии, за кои не ја оспорувам нивната професионалност и стручност. Но музичката дејност не може да биде и фолклор, и класика, и естрада, и сè во едно, а фестивал „Здраво млади“ со пет илјади публика да добие нула денари – рече директорот на МКЦ, Русе Арсов.
Од МКЦ велат дека можеби е нескромно тие да го прават тоа, но во ек на тектонски поместувања во сферата на културата, сметаат дека е важно континуирано да се потсетува на важноста на зачувување на она малку култура што остана необлепена со стиропор.
-Дотолку повеќе кога станува збор за јавна установа, или репрезент за културата на еден град, каква што е МКЦ. Она што е неизбежно да се нагласи кога се зборува за МКЦ е тоа дека оваа јавна установа отсекогаш била дом за прогресивни идеи и културни дејци, дека речиси половина век успевала да пркоси на секој бран на шунд и кич и можеби најважно, дека дури и во најмрачните денови за културата и уметноста, МКЦ беше единствениот вентил на слободата во оваа земја. МКЦ сме сите ние, и МКЦ треба да остане во рацете на грст професионалци, кои беа и се доследни на своите неприкосновени идеи за креирање на сеопфатни културни политики и продукција на содржини, со цел зачувување на и онака кревкото културно јадро на нашата држава – велат од МКЦ.
Ирма Башеска Ристовска