Дел од вработените во Националната галерија на Македонија вчера се сретнаа со досегашниот амбасадор на Кралството Холандија во земјава, Вилем Ваутер Пломп, кој важи за еден од нејзините најголеми поддржувачи, изразувајќи му посебна благодарност за поддршката во текот на неговиот мандат.
– Во последниот период мојот мандат некако се совпаѓаше со мандатот на амбасадорот Вилем Воутер Плом, така што некако потсвесно, неговата поддршка секогаш значеше дека тоа што се прави во Националната галерија е она што треба и да биде, бидејќи освен што е амбасадор, тој е и добар познавач на историјата на уметноста – истакна директорката на галеријата, Дита Старова-Ќерими.
Таа укажа дека холандскиот амбасадор за време на својот мандат, а со тоа и холандската амбасада во земјава ја препознаа вредноста на галерискиот проект „Уметност за сите“ за децата со посебни потреби, за децата со аутизам и безрезервно го поддржаа. Проектот беше финансиран во рамките на програмата МАТРА на Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија. МАТРА е билатерална програма на холандското Министерство за надворешни работи која е отворена за сите земји кои се на пат да станат членки на Европската Унија, наменета за поддршка на проекти кои се насочени кон општествена трансформација која ќе води кон поголемо приближување на земјите кон стандардите на Европската Унија.
Холандскиот амбасадор од директорката на галеријата доби благодарница и две дела, графика од познатиот македонски графичар Димче Николов, „Предел -16“, од 1980 година и едно дело создадено од децата учесници во проектот „Уметност за сите“.
– Ми укажавте многу голема чест, а огромно беше задоволството со вас да соработуваме на проектот за децата, но и мене лично ми беше задоволство да ги видам прекрасните изложби кои за време на мојот мандат беа организирани во галеријата – рече, меѓу другото, амбасадорот Вилем Ваутер Пломп.