Министерот за култура Асаф Адеми направи пресек на проектите и активностите што се реализираа во 2018 година со поддршка од Министерството за култура, со посебен осврт на изминатите седум месеци од неговото назначување на оваа функција. Во продолжение е приказ на културата во годинава што изминува низ бројки.

– Поддржани повеќе од 2.000 проекти (дел од годишните конкурси и од конкурсите „Млади Европејци“ и „Нов културен бран“).
– Министерството за култура располагаше со буџет од 3.614.695 000 денари.
– Беа формирани 2 нови национални установи: Гостиварски театар и Ансамбл на албански народни ора и песни во Република Македонија.
– Министерството продолжи со поддршката за уметниците во делот на придонесите за вкупно 109 уметници.
– Двојно е зголемена и поддршката за Конкурсот за стручно усовршување на талентирани уметници и дефицитарни стручни кадри.
– Реализирани се околу 380 настани во рамките на конкурсите „Нов културен бран“ и „Млади Европејци“.
– Во театарската дејност годинава се реализирани 22 театарски фестивали и манифестации во 11 општини.
– Годинава помина во знакот на одбележувањето на 70 години од формирањето на Националната галерија на Македонија
– Се реализираа 537 проекти што се однесуваа на заштитата на движното и недвижното културно наследство, заштитата на аудиовизуелното наследство, како и музејската и библиотечната дејност.
– Беше потпишан и нов договор за соработка со европската мрежа за литература и книги „Традуки“ за периодот 2019 – 2020 година.
– Министерството за култура работеше и на законската регулатива, во чии рамки беа донесени 6 закони.


Во 2019-та Скопје домаќин на два големи меѓународни настани

Министерството за култура идната година ќе располага со буџет во висина од 3,1 милијарди денари, средства од кои за самото министерство се 215 милиони денари, додека за финансирање на дејностите од областа на културата се 2,9 милијарди денари. Адеми посочи дека Министерството за култура и следната година посветено ќе работи на реализација на утврдените проекти и на активностите во рамките на Годишната програма, која наскоро јавно и транспарентно ќе биде објавена во јавноста, потоа на спроведувањето на приоритетите посочени во Стратегијата за развој на културата за периодот 2018 – 2022 година, како и на поддршката на уметниците преку објавување на конкурсите за самостојните уметници и за младите таленти и дефицитарни кадри, конкурсите „Млади Европејци“ и „Нов културен бран“, но и на други нови конкурси со кои ќе биде збогатена културната понуда во земјава. Следната година Скопје и Република Македонија ќе бидат домаќини на два големи меѓународни настани: јубилејната 5. Конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог и Форумот за културна соработка на земјите од Централна и Источна Европа и Народна Република Кина на министерско ниво.