За љубителите на делата на Енди Ворхол, кои оваа година не ја добија можноста да ја посетат прекрасната изложба на негови дела во „Тејт модерн“, поради појавата на коронавирусот, сепак сѐ уште постои надеж. Таа може да се види во точно 6 минути и 59 секунди преку новото видео на галеријата, во кое кураторите ги водат гледачите низ изложбата – од имиграциските форми што го документираат пристигнувањето на родителите на Ворхол во САД, па до уметничките дела што го прикажуваат неговото справување со својата сексуалност и чувство на смртност.
Можеби чувството нема да биде исто како доколку би ја посетеле изложбата во живо, но сепак е шанса одблиску да се запознаете со работата на Ворхол на сосема нов начин, бидејќи кураторите на „Тејт модерн“ нудат увид во сè, од неговото влијание до неговите сребрени перики.
– Организирање изложба на Енди Ворхол во денешно време значи соочување со свет во кој секој човек веќе има некаква ментална проекција за уметникот и неговата продукција. Тој е еден од ретките уметници што го надминуваат уметничкиот свет, откако стана познат како еден од најпознатите уметници во Америка, ако не и еден од најпознатите Американци. Со текот на времето, Ворхол стана, и сè уште е, голем бренд, што е токму тоа што тој го посакуваше. Секој го поседува Ворхол – велат кураторите Грегор Муир и Фионтан Моран.
Нивната цел со изложбата е да се побијат некои од митовите за работата на Ворхол.
Кога луѓе помислуваат на него, повеќето си споменуваат на поп-арт и сликите со лименки од супи и шишиња „кока-кола“, Мерилин и Џеки. Сепак, повеќето од овие дела се изработени во почетокот на 1960-тите години, во првиот дом на уметникот на авенијата Лексингтон, а не во Сребрената фабрика. Реалноста е дека трајното влијание на Ворхол може да се најде во неговата долгогодишна инвестиција во експерименталниот филм и телевизијата, како и во неговата постојана фасцинација со славните личности, деловната уметност, поп-музиката и комерцијалните публикации. Ворхол беше познат по тоа што го скри својот вистински идентитет зад возбудата и ексцентричноста.
Муир и Моран го искористија ова како можност да ја откријат личноста зад сето тоа.
– Сакавме да го видиме Ворхол онаков како што навистина бил, земајќи ги предвид патувањето на неговото семејство од Источна Европа во Америка, неговиот квир-идентитет и начинот на кој неговото дело на крајот ќе биде известено преку смртта и религијата. Имајќи го ова на ум, сакавме да го погледнеме Ворхол со нови очи – велат тие.