Започнав професионално да пеам од многу мала возраст, со тукушто наполнети 16 години. Тогаш немав претстава каде се впуштам, ниту имав некој близок да ме посоветува. Во мојата фамилија сум прва која се занимава со музика и сама учев како одат работите во оваа професија. Она што во себе го носев беше почитта кон колегите која до ден денес ја имам. Немав претстава каде ме носи музиката, едноставно се пуштив и пливав. Но, сега, по повеќе од 25 години кариера можам да кажам дека се чувствувам како риба во вода. Навистина ја чувствувам публиката блиска до мене и тоа ме радува – вели Јаневска
Андријана Јаневска повеќе од 25 години е дел од македонскиот јавен живот, како музичар, автор, прекрасна пејачка која испеа многу хитови, но и како креативец кој со својот ангажман ја покажува љубовта кон татковината. Минатата година таа докторираше на тема: „Македонското традиционално народно пеење во : Мала Преспа, Голо Брдо и Гора“, што е резултат на еден долг процес на истражување, едукација и работа, на студиозно изчување на корените на македонската традционална музика.
По бројните настапи периодов, Андријана деновиве е актуелна со новата песна, баладата „Не биди тој“, за која музиката и аражманот се на Александар Јовевски, а текстот е на Весна Малинова. Виолина се разбира свиреше таа, а гитара нејзиниот сопруг Драган Гиновски – Гино. Песната е снимена во нивното семејно студио и е најава за новиот албум на Јаневска, што е во подготовка.

Прекрасна година е зад вас, со крај како од бајките. Дали по се што постигнавте, освоивте, доживеавте, споделивте лани, се чувствувате среќно и задоволно?
– Се чувствувам презадоволна и пресреќна. Научив да уживам во секој миг и со насмевка на лицето се присетувам на сите убави моменти кои ми се случија минатата година.
Во последно време сте неизоставен дел од сите јавни настастани во земјава, дел сте од сите случувања, и според честитите средби со публиката им станавте многу блиска, како некоја роднина. Го посакувавте ли тоа кога почнувавте да настапувате на мак-сцената?
– Започнав професионално да пеам од многу мала возраст, со тукушто наполнети 16 години. Тогаш немав претстава каде се впуштам, ниту имав некој близок да ме посоветува. Во мојата фамилија сум прва која се занимава со музика и сама учев како одат работите во оваа професија. Она што во себе го носев беше почитта кон колегите која до ден денес ја имам. Немав претстава каде ме носи музиката, едноставно се пуштив и пливав. Но, сега, по повеќе од 25 години кариера можам да кажам дека се чувствувам како риба во вода. Навистина ја чувствувам публиката блиска до мене и тоа ме радува.

Виолината, пеењето, но и желбата да го пренесувате своето знаење на помладите, се ваша ѕвезда водилка во кариерата. Секако, тука се и амбициите и во науката да го постигнете максимумот, па лани станавте и доктор на науки. Вашиот докторат е од голема важност за Македонците од Мала Преспа, Албанија, па и пошироко. Дали сте горда на тоа и на што особено?
– Многу се гордеам со истражувањето за кое бев свесна дека е значајно за нас Македонците, но не очекував дека ќе наиде на толку позитивни реакции во јавноста. Особено се гордеам што не се откажав во тие девет години, иако имав многу искушенија, како и лични тешки моменти со смртта на мојата мајка. Сите трошоци за истражувањата ги платив од сопствени средства, без државна помош или спонзори, а трудот го посветив на мојата татковина Република Македонија која беше присилена да го промени своето име за време на пишувањето на трудот.
Вашата докторска дисертација, насловена „Македонското традиционално народно пеење во: Мала Преспа, Голо Брдо и Гора“, како што велите е резултат на еден долг процес на истражување, едукација и работа, на студиозно изчување на корените на македонската традционална музика. Всушност, таа е доказ дека без основа, без наследството (во случајот музичко), на претходните генерации Македонците не би биле тоа што се денес.
– Народното творештво претставува еден од најзначајните сегменти во севкупниот материјално-духовен идентитет на македонскиот народ. Барајќи излив на своето расположение и инспирација, сето она што можел да го искаже со обични зборови, Македонецот го претворил во песна, а секоја од тие песни има своја порака и животни судбини. Преку докторскиот труд успеав да заштитам над 150 македонски народни песни во регионите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора, кои соседните држави претходно суптилно, а во последен период јавно почнаа да ги претставуваат како свои.

Вие сте пример за другите, дека татаковината се сака со работа, самопрегор, инвестирање во знаењето и заложби за зачувуање на нејзината тардиција. Во контекст на тоа, дали планирате други истражувања, на примeр во Егејска или во Пиринска Македонија?
– Тоа се моите следни планови со кои би сакала да го заокружам овој циклус истражувања за зачувување на македонските народни песни во Македонија како една целина.
Уште од самиот почеток на вашиот музички пат, сите не пленивте со својата харизма, а истовремено и со својата скромност и убаво воспитување, настрана сите други квалитети. Останавте таква се до денес, како успевате да останете приземна и покрај се што ви се случува?
– Скромноста и ослободувањето од егото се во основата и на сите најголеми светски религии и верски учења. Се обидувам да се соочам со своите слабости, но и да развијам чувство за емоциите на другите луѓе. Скромноста подразбира умереност, самоконтрола и пристојност, природност и едноставност во однос на исполнувањето на сопствените желби и стремежи.

За вас секој ден е предизвик, но и добро испланирана рута. Не дозволувате попусто да го трошите времето. Посакувате ли некогаш денот да трае подолго, за да можете уште повеќе да работите?
– Така е, многу добра проценка. Времето навистина сакам да го трошам на она што ме прави среќна и затоа избегнувам бесцелни состаноци и долги разговори по телефон. Освен што максимално ме исполнува е работата, сакам да учам нови нешта и да си поставувам предизвици кои ме мотивираат и ми го прават денот осмислен. Учам нови вештини, нови јазици, испробувам нови спортови итн. Секако дека најмногу сакам слободното време да го поминувам со мојата фамилија, па штом се укаже можност, одиме на некое семејно патување каде заеднички уживаме во новите авантури.
Се почесто постигнувате и успеси на меѓународен план. Дали и годинава ќе биде така?
– Оваа 2025 година ми започна со учество во еден светски проект за поддршка на децата, односно учествувам како вокалистка и виолинистка во песната која е химна против педофилија и злоставување на децата. Наскоро ќе ја објавам на мојот канал.

Што се однесува до музиката имате огромен репертоар од разновидна музика, народна, забавна, џез, блуз, класична….Вистинска енциклопедија сте, бидејќи сте запаметиле толку многу различни нумери. Дали можеби во тоа ви помага љубовта кон шахот, што бара силна концентарција?
– Шахот навистина многу помага, бидејќи понекогаш имам настапи кои бараат стопроцентна концентрација каде нема простор за импровизација. За среќа, концентрацијата е мојата најсилна страна, скоро ништо не може да ме дефокусира. Но, не само шахот, туку и вежбањето виолина од шест години многу ми помогна, затоа што свирењето тешки класични дела кои од деца мораше да ги знаеме на памет, исто така бара огромна посветеност и концентрација.
Лани ова време добивте „златна бубамара на популарноста“ за својата успешна кариера. Мислите ли дека наградите ги добивате во вистинско време?
– Никогаш не сум била фокусирана на наградите и мислам дека сè во животот доаѓа тогаш кога треба.

Според вас дали државата, од своја страна, на вистински начин ги стимулира најдобрите артисти, музичари, творци воопшто, да го дадат најдобро од себе?
– За жал, во досегашните години не, но искрено се надевам дека наскоро тоа ќе се промени.
Сепак, што и да работите, не го запоставувате семејството. Сопругот Гино и синовите Кристијан и Димитар, исто така имаат талент за музика, па дали можеби планирате и некој заеднички семеен проект?
– Сега за сега не ми дошла таква идеја, но вреди да се размисли.
На што најмногу сакате да ги научите своите деца во процесот на воспитувањето, што ќе им користи во животот?
– Да ја ценат вредноста на нештата, а не нивната цена. Да ја најдат својата вистинска професија што ќе сакаат да ја работат за да бидат среќни. Да бидат луѓе во вистинската смисла на зборот, бидејќи главната цел на човекот е да биде хуман и да помогне на послабите.
Спортот, пред малку го спомнавме шахот, но тука е и љубовта кон моторите и физичката активност генерално, е исто така дел од вашиот живот, како потврда на максимата: во здраво тело – здрав дух. Токму тука има многу адреналин и неизвесност, дали уживате во тие мигови на слобода?
– Апсолутно да! Слободата е право на секој човек и само слободниот човек е среќен! Сакам да истражувам и патувам, да запознавам нови култури, нови места, па секој слободен момент го користам за патување.

Долго сте во музиката, често настапувате, но мислам дека и должите на публиката еден голем солистички концерт? Размислувате ли тоа да се случи, на пример, оваа година?
– Имам таков план, но мислам дека пред тоа треба да го издадам албумот на кој работев изминатиов период.