Објавена „Луѓето, а не градот“, во издание на „Или-или“

Од печат ќе излезе новата книга „Луѓето, а не градот“ од Снежана Младеновска Анѓелков.
Ова е 215-то издание во популарната едиција „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-или“, а трета прозна објава на писателката, која во 2012 година ја доби наградата „Роман на годината“ за својата дебитантска книга „Единаесет жени“.
– Луѓето, а не градот“ е слоевито хибридно дело, одлично обмислена комбинација од реални животни приказни, обликувани низ книжевно-раскажувачка визура, кои се движат низ хронотопот град Скопје во текот на неколку децении. Со тоа, на читателите им се дава функционален објектив, низ кој ги следат трансформациите на урбаниот простор, како и начинот на живот, менталитетот, навиките, гледиштата на скопските жители од различни маала на градот. Всушност, книгата е еден вид музеј на сеќавањата, како што се вели и во самиот текст, на скопски маала што постоеле и веќе ги нема, кои постоеле и сè уште постојат, кои постоеле под едни имиња, а потоа се интегрирале со други населби и имињата останале само во сеќавањата на нивните жители – вели за новата книга професорката и писателка Калина Малеска.
– Мемоари на урбофилија, полифонична хроника, архива на носталгијата, документарна проза, скопски сведоштва, прозно кроки на Скопје, колаж од сеќавања… сите овие одредници укажуваат на тоа дека од многуте документарни предлошки е искомбинирано нешто што легитимно се препознава како постмодерна проза – нагласува критичарката и теоретичарка од областа на книжевноста Соња Стојменска-Елзесер.

Снежана Младеновска Анѓелков (1977, Скопје) дипломирала на ФДУ, на отсекот за филмска и ТВ-монтажа во 2000 година, а со звањето магистерка по уметности – област филмска и ТВ-монтажа се стекнала во 2012 година.
Нејзиниот прв роман „Единаесет жени“ (2011) ја доби наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“ и потоа доживеа уште две изданија. Вториот роман, „Молчи со отворена уста“ (2019), беше финалист за истата награда.
Таа ја издаде и филмско-есеистичката книга „Слики со животна уверливост“ (2014), посветена на филмовите на режисерот Владимир Блажевски.
Како авторка е застапена во тематската збирка раскази „Тивка анестезија“ (2016, Антолог) и во антологиите „Best European Fiction 2017“ и „Contemporary Macedonian Fiction“ (2019) на „Даркли арчив прес“.