Под мотото „Каде бајките оживуваат“ ќе се одржи дванаесеттото издание на меѓународниот фестивал за анимирани филмови во Македонија, „Анимакс Скопје фест“.
На него ќе бидат прикажани 25 анимирани филмови во официјалната програма и 9 анимирани филмови наменети за детската публика. Настанот ќе се одржува од 24 до 25 декември (петок и сабота) во Кинотека на Македонија. Влезот е бесплатен.
Филмовите во официјална селекција се избрани од пријавениот рекорден број анимации, над 1 800 меѓу кои најголем број од: Франција, Англија, Германија, Шпанија, Русија, Бразил и други.
Годинешната жири-комисија ја сочинуваат Мими Ѓоргоска, Лазе Трипков и Илчо Симовски.
Голем дел од филмовите кои се борат за Златната, Сребрена и Бронзена Тула се носители на престижни награди и победници на филмски фестивали од А категорија.
Официјалната програма на фестивалот со прикажување на филмовите ќе почнува во 20:00 часот Проекцијата на филмови за деца ќе се одржи на 25 декември (сабота) со почеток во 17:00 часот. Младата публика ќе има можност да гласа за најдобриот филм за деца и да го одбере победникот. Проекциите за деца се исто така бесплатни.
– Мудрите луѓе велат колку е поголемо делото толку се поголеми искушенијата. Овој период, на планетарно ниво повикува на преиспитување, на донесување одлука. Нихилизмот се чини дека е нововоспоставена религија, но вистинскиот автор секогаш е смел во потрагата по единствената вистина. Други автори, пак, ја сликаат стварноста без да очекуваат иманентен одговор; ја прикажуваат вехементноста на времето и просторот; и размислата ја оставаат на оние кои ја восприемаат нивната уметност. Накратко вака би можел да ја опишам програмата на овогодишното издание на Анимакс Скопје фест – вели основачот и директор на фестивалот Кузман Кузмановски.