Австрискиот канцелар, Себастијан Курц, остро го отфрли обидот на неколку невладини организации да ја препишат вината за смртта на 13-годишно девојче на самата жртва и истакна дека не е потребно помало, туку поголемо протерување на барателите на азил што сториле кривично дело.

Станува збор за 13-годишно девојче, кое беше пронајдено мртво во Виена, а неколкумина млади азиланти од Авганистан се осомничени за убиство.

Курц рече дека е шокиран од тврдењата на невладините организации за странските криминалци што ја обвинуваат владата за „маневри на расистичко одвлекување на вниманието“.

– Постојат вистини што мора да се кажат и јас ќе продолжам да ги зборувам и нема да ги прескокнувам од дневниот ред. Нема ниедно извинување или изговор за да се оправда ова злосторство. Затоа, го отфрлам секој обид да се префрли вината на жртвата и секоја погрешно сфатена толеранција – нагласи тој во изјавата.

На барање на невладините организации да се прекинат протерувањата во Авганистан, Курц истакна дека мора да има повеќе, а не помалку депортации, особено кога станува збор за азиланти што го прекршиле законот.

Во таа насока тој потсети на извештајот за безбедноста во Австрија од 2019 година, според кој Авганистанците се најголемата група странци кога станува збор за сексуални злосторства.