Фото: Игор Бансколиев

Пораки на амбасадорот Џанг Ѕуо од обраќањето на свечениот прием

„Пријателството меѓу Кина и Северна Македонија се простира преку илјадници милји од планини и реки. Уште во 101 година од нашата ера, македонските карвани од Централна и Источна Европа пристигнале до Луојанг, преку Патот на свилата, кој ги поврзувал народите од двата региона. И покрај големата оддалеченост на нашите две земји, едната на европскиот, а другата на азискиот континент, историјата што низ минатото ја споделуваат претставува длабока поткрепа за нашето пријателство. На 12- октомври 1993 година, Кина и Македонија воспоставија дипломатски односи, отворајќи ново поглавје во градењето на заемните релации. Оваа година воспоставената соработка заокружува триесет години. Во кинеската култура бројот „триесет“ означува зрелост, стабилност и достигнување, исто како што денес е и односот помеѓу нашите две држави“, рече меѓу другото амбасадорот Џанг Ѕуо.
Укажувајќи дека во текот на изминатите 30 години, без оглед на промените на меѓународната клима, нашите две земји отсекогаш меѓусебно го почитувале патот на развој на другиот, се залагале за решавање на заедничките проблеми и предизвици и ги заштитувале меѓусебните легитимни права и интереси, амбасадорот го потенцира големото значење што кинескиот претседател Си Џинпинг му го придаваше на односот со Македонија.
„За време на овие 30 години напорна работа, се залагавме за заемна добросостојба и вин-вин соработка за развој. Уште од 2012 година, Кина продолжува да го одржува статусот на најголем трговски партнер на Северна Македонија, надвор од Европа. Обемот на билатералната трговија достигна 1,052 милијарди американски долари во 2022 година, што е десетици пати повеќе од оној во 1993-та“, додаде амбасадорот Џанг Ѕуо.
Навраќајќи се на јубилејот, 74 години од основањето на Народна Република Кина, амбасадорот укажа на успесите постигнати под раководство на претседателот Си Џинпинг и Комунистичката партија на Кина.
„Подготвени сме да работиме со други држави, вклучувајќи ја и Северна Македонија, да го промовираме висококвалитетниот развој на проектот ’Појас и пат’ и да вложиме заеднички и усогласени напори за промовирање на иницијативата за глобален развој, иницијативата за глобална безбедност и иницијативата за глобална цивилизација, со цел да се обезбедат нови можности за светски развој преку модернизација во кинески стил и да му дадеме поддршка на човештвото кон истражување на патот на модернизацијата“.
Во тие рамки, амбасадорот Џанг Ѕуо упати и порака: „Стоејќи на оваа нова историска појдовна точка, ајде да погледнеме далеку нанапред, да се залагаме за усогласување на развојните стратегии, да промовираме пријателска размена меѓу нашите народи, да ја промовираме соработката меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа, за заеднички да создадеме подобар свет и следни ’златни’ триесет години на одлични односи меѓу Кина и Северна Македонија“.