Северодонецк пред војната имаше нешто повеќе од 100 илјади жители со што не беше ниту меѓу 40-те најголеми украински градови, но во изминатиот месец стана клучен на боиштето помеѓу Украина и Русија, пишува „Економист“. Во голема мера, судбината на Донбас се одлучува тука, кажа украинскиот претседател Владимир Зеленски минатата недела, отворајќи го прашањето за важноста на Северодонецк.
Руските трупи ги контролираат станбените подрачја, а украинските бранители и стотици цивили се во кругот на фабриката „Азот“, под удар на артилеријата. Руските сили завчера го уништија последниот мост што го поврзува Северодонецк со соседниот Лисичанск.
– Градот има значителна улога во политичкиот и воен конфликт помеѓу Русија и Украина во изминатите две децении. Во 2004, за време на политичката криза во Украина, политичарите во Северодонецк агитираа за независност и се закануваа оти ќе побараат воена помош од Русија. Кога од власт беше соборен прорускиот претседател во 2014 година, проруските трупи стекнаа контрола врз Северодонецк од мај до јули, но повторно беше вратен од украинските сили. Оттогаш е под контрола на Украина, наоѓајќи се северно од линијата што ги разделува руските и украинските сили во Донбас – наведува британскиот магазин.
Северодонецк се смета за полесна цел за Русија бидејќи украинските сили имаат помала поддршка од воздушната одбрана и артилеријата. Заземањето на градот, заедно со Лисичанск, би отворило премин на запад кон Славјанск и кон индустрискиот центар Краматорск.
Контролата врз Северодонецк би понудила нова можност за Русите, иако потоа би требале да ја преминат тамошна реката во офанзива кон соседниот Лисичанск. Во тој поглед, битката за Северодонецк не е одлучувачка, но ако Русија го заземе заедно со Лисичанск, таа би ја контролирала целата област на Луганск. А доколку потоа евентуално паднат и Славјанск и Краматоск, Русија би можела да тврди дека ја постигнала воената цел за „ослободување“ на Донбас.
Многумина познавачи на состојбите очекуваа Украина да се повлече од Северодонецк пред неколку недели, бидејќи градот има релативно мала важност додека Лисичанск е попогоден за одбрана. Но, Украина не отстапува. Се смета оти една цел претставува нанесувањето удар на руските сили, за да купи време до пристигнувањето на дополнително оружје од Западот. Но отпорот има своја цена, бидејќи поголемиот дел од Северодонецк сега е во урнатини, заклучува „Економист“.