Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во тек се дипломатски обиди да се спасат преостанатите украински борци од фабриката за челик „Азовстал“ во Мариупол, која е нивно последно упориште.
Борците ветија дека нема да се предадат, а украинските власти стравуваат дека руските сили ќе ја нападнат фабриката за челик до 9 мај, кога Русија го одбележува Денот на победата во Втората светска војна.
Од челичарницата вчера беа евакуирани 50 цивили, а десетици од нив останале во подземните бункери, каде се засолнија пред повеќе од два месеца, објавува Гласот на Америка.
Во обраќањето до нацијата, Зеленски истакна дека Украина работи на дипломатски план за спас на борците од фабриката за челик. Сепак, не се знае колку луѓе останале таму.
– На тоа работат влијателни посредници, влијателни држави – изјави Зеленски, без да открие повеќе детали.
Преговорите, со посредство на ОН, започнаа минатиот викенд и резултираа со евакуација на повеќе од 150 цивили кои беа во подземните бункери на фабриката за челик „Азовстал“.
Сепак, евакуацијата се одвива побавно од очекуваното бидејќи борбите не престануваат.
Украинските власти ја обвинуваат Москва дека го прекршила договорот и не го прекинува огнот.
Русија потврди дека „хуманитарната операција во Азовстал ќе продолжи на 7 мај“.
Градоначалникот на Мариупол процени дека во бункерите имало околу 200 луѓе, но не се знае точно колку сега останале.
Советникот на претседателот на Украина, Олексеј Арестович изјави дека Русија се обидува да ја заврши борбата за Мариупол до Денот на победата.
Рускиот претседател Владимир Путин прогласи победа во Мариупол на 21 април, а потоа ги повика украинските борци во „Азовстал“ да се предадат. Тие одбија, а Русија продолжи да го напаѓа последното упориште на украинската армија.