Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, по повод Денот на човековите права, што се одбележува денеска, го повика светот да се обедини во борбата против, како што наведе, „диктаторските режими“.
– Годинашниот Ден на човековите права беше проследен со ужасни фотографии од сириските затвори и центри за тортура што беа отворени по бегството на (сирискиот претседател Башар ал) Асад. Луѓето беа понижувани таму многу години. Мажи и жени се тепани, мачени, силувани. Илјадници и илјадници луѓе поминаа низ оваа фабрика на насилство“, напиша Зеленски на Телеграм – пренесен од украински Интерфакс.
Зеленски изјави дека режимот на Асад со децении се потпираше исклучиво на насилство и оцени дека „такви се сите режими поддржани од рускиот претседател Владимир Путин“.
Тој потсети на затворите и „неописливото насилство“ и другите злосторства на украинските територии окупирани од руските сили.
– Затоа ние, Украинците, сме толку трогнати кога гледаме Сиријци како излегуваат од затворите и маченичките одаи на Асад. Асад и Путин не се само вазали и господари. Тие се соучесници во насилството. Диктаторите како Асад не можат да опстанат без диктатори како Путин. А Путин ќе се обиде да се одмазди за падот на Асад – наведе Зеленски.
Украинскиот претседател го повика светот да се обедини во спротивставувањето на режимите кои, како што рече, „сеат понижување и зад себе оставаат само страдања, болки и урнатини“.
– Со помагањето на Украина во борбата против руската диктатура, меѓународната заедница им помага на многу други региони во светот да ја вратат безбедноста. Мора да има казна за грозоморни злосторства и кршење на човековите права. Всушност, само Путин и Асад заслужуваат да бидат во затвор, а не оние невини луѓе кои се затворени со години – додаде тој во пораката по повод Денот на човековите права.