Фото: Твитер/Министерство за одбрана на Украина

Украинскиот претседател Владимир Зеленски очекува позитивен одговор од денешниот состанок на западните сојузници на Украина за неговите барања за итно зголемување на воената помош за неговата земја. Коалицијата од педесеттина земји предводена од САД, позната како Контакт-група за одбрана за Украина, ќе се состане денеска во Брисел, на маргините на состанокот на министрите за одбрана на НАТО.

– Очекувам напредок од нашите партнери во однос на противвоздушната и противракетната одбрана и договори за нови испораки на различно оружје и муниција што се од витално значење за нас – рече Зеленски синоќа во своето редовно вечерно обраќање.

Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников ја поздрави испораката на дополнителни четири ракетни лансери „ХИМАРС“ од САД, орудие чија прецизност и подолг дострел ѝ овозможи на Украина да ја намали руската артилериска предност и ја поттикна неодамнешната контраофанзива.

– Време на „ХИМАРС“. Добро време за Украинците, но лошо за окупаторите – напиша Резников на Твитер.

Украина вчера го доби првиот од четирите ветени противвоздушни системи „ИРИС-Т“ од Германија, соопшти извор од германското Министерство за одбрана. Соединетите Американски Држави соопштија дека забрзуваат со испораката системи за напредна воздушна одбрана „НАСАМС“ на Украина.

Американската министерка за финансии Џенет Јелен ги повика партнерите и сојузниците да ја забрзаат исплатата на ветената финансиска помош за Украина додека Русија продолжува со своите „варварски“ напади врз соседната земја. Јелен изрази сочувство до украинскиот министер за финансии Серхи Марченко и високите украински претставници за најновите руски напади насочени кон главниот град Киев и други градови, ветувајќи континуирана поддршка од Вашингтон.

– Повторно светот ја виде вистинската природа на руската варварска и нелегална војна. Соединетите Држави продолжуваат одлучно да стојат со Украина и со украинскиот народ. Ќе продолжиме да Ве поддржуваме во обновата на просперитетна и слободна Украина – им порача Јелен на Марченко и членовите на украинската делегација пред средбата.

Таа потсети дека Вашингтон има намера наредните седмици да исплати 4,5 милијарди долари директна помош за Украина. Конгресот ги одобри тие средства пред две недели, со што вкупната директна американска буџетска поддршка за Украина достигна 13,5 милијарди долари.

– Ние сме посветени да ги добиете овие средства што е можно поскоро, бидејќи знаеме колку е важно да го поддржите вашиот храбар отпор на илегалната инвазија на Русија – рече таа.

Јелен потсети дека Вашингтон им се придружи на главните кредитори на Украина во суспендирањето на плаќањата на билатералниот долг на Украина оваа и следната година.

– Но, дозволете ми да бидам јасна: меѓународната поддршка за Украина е заеднички напор. Ги повикуваме нашите партнери и сојузници да ни се придружат во брзото отплаќање на нивните постоечки обврски кон Украина – рече Јелен.

Украина соопшти дека ѝ се потребни до пет милијарди долари месечно долгорочен долг за да ги покрие буџетските трошоци што вклучуваат исплата на пензии и воени трошоци, како и за да продолжи со сервисирање на долговите кон домашните банки.

Повикот на Јелен ја одразува фрустрацијата на американските и украинските власти поради Европската унија која вети помош од девет милијарди долари за Украина, од кои досега има исплатено само една милијарда.

Јелен и другите финансиски претставници на државите од Групата „Г7“ ќе разговараат за потребите на Украина, на маргините на годишните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка предвидени за денеска.

Официјални претставници на ММФ и на Украина идната седмица ќе се состанат во Виена на технички разговори за буџетот на Украина, со цел да се постават темелите за идната сеопфатна програма за заеми.

Германија, претседавач со Г7, ќе биде домаќин на конференција за закрепнување на Украина закажана за 25 овој месец во Берлин.