Украинскиот претседател Володимир Зеленски се надева на помош од ЕУ за обнова на енергетска мрежа во земјата, сериозно оштетена во серијата руски ракетни напади врз инфраструктурни објекти во Украина.
Зеленски на денешната средба со еврокомесарот за енергетика Кадри Симсон во Киев истакна дека во нападите се уништени 40 проценти од вкупната енергетска инфраструктура во Украина.
Европската комисија треба да има координативна улога во обновувањето на енергетската инфраструктура, предложи тој посочувајќи го примерот на форматот Рамштајн, преку кој државите-поддржувачи од Контакт-групата ја координираат нивната воена помош за Украина.
– Сигурен сум дека ќе обновиме сѐ. И во помирно време, кога ситуацијата во нашиот енергетски систем повторно ќе биде стабилна, повторно ќе извезуваме струја во Европа – изјави Зеленски.