Што донесе првата демократска промена на власта во историјата на Македонија? Изборите од 1998 година ќе останат обележани како сериозна вододелница. Тогаш по првпат дојде со целосна промена на политичката власт преку демократски избори. Иако често „експертската влада“ се нарекува прва демократски избрана власт во Македонија, единствениот демократски белег за нив е тоа што ги изгласа првото повеќепартиско собрание. Меѓутоа, стануваше збор за лична влада на Киро Глигоров (кој и самиот не излезе на изборна проверка во 1990 година, исто како и премиерот Никола Кљусев). Всушност, групата интелектуалци од академија што се нарекла Македонски форум и кои пиеле кафе во Охрид со тогашниот политички пензионер Киро Глигоров е ’рбетот на таа влада. Министерскиот состав бил дополнет со „децата на номенклатурата“, односно потомците на пријателите на првиот претседател на СР Македонија, како и некои решенија што по инерција беа преземани од владата на Глигорија Гоговски (особено кај Албанците и кај технократскиот дел). Идејата на оваа влада беше да ја консолидира номенклатурата околу Киро Глигоров, но на националистичка агенда, наместо на дотогашната комунистичка, да го испромовира во некаков „татко на нацијата“ и да создаде политичко тело околу кое ќе орбитира новиот поредок во Македонија. Моделот им е првиот претседател на Хрватска, Фрањо Туѓман, кој околу ХДЗ успеа да ја задржи хрватската комунистичка номенклатура, но на националистичка основа, а во нејзините редови да ги кооптира и дисидентите од „хрватската пролет“, како и политички активните припадници на хрватската дијаспора, вклучувајќи ги и нивните најцрни нијанси.
Меѓутоа, Киро Глигоров брзо увиде дека тој интелектуален круг нема безмалку никаква политичка вредност во новиот повеќепартиски систем, па избра да биде предводник и своевидно лепило за политичкиот сојуз помеѓу СКМ-ПДП, СРСЈ/М-МДПС и СПМ, со кооптација и на умерените националисти од МААК. Оваа структура, заедно со ПДП-НДП, ќе ја создаде првата политичка влада во демократската историја на Македонија во 1992 година. Зошто го пишувам ова? Номенклатурата во Македонија успеа не само да ги преживее првите повеќепартиски избори туку и целосно да се консолидира околу Киро Глигоров, па 1989 година тука не донесе никаков политички земјотрес туку значеше безмалку целосен континуитет со реалсоцијалистичкото минато, кој траеше сѐ до изборите од 1998 година.
Што ќе донесат изборите од 1998 година? СДСМ и ПДП ќе влезат во овој изборен циклус како фаворит. И покрај тоа што ги изгуби Скопје, Тетово, Гостивар, повеќето скопски општини и некои позначајни урбани центри, владата на Бранко Црвенковски ќе ги преживее двете драматични епизоди од 1997 година (студентскиот протест и немирите околу употребата на етничкото албанско знаме). При реконструкцијата ќе бидат отстранети и некои од министрите што предизвикуваа одиум во јавноста со својата ароганција, а ќе бидат кооптирани и нови ликови во обновениот Централен одбор на СДСМ. Тогашната владејачка партија ќе излезе со нова сериозна платформа, претставувајќи се себеси како „државотворна партија“ и со обид целосно да ги заземе центарот и левицата на македонската политичка сцена, но и да укаже дека тие се опцијата што ги брани националните интереси на македонскиот народ, без влез во непотребни авантури. Сепак, на левиот дел од политичкиот спектар необична жилавост покажа Социјалистичката партија на Македонија, тогаш предводена од Љубосав Иванов-Ѕинго, која себеси ќе се претстави како чувар на партизанските традиции и на политички дом на носталгичарите за Социјалистичка Република Македонија и за Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Досега не е направена посериозна историска и политичка студија на оваа партија, но се чини некогашниот Социјалистички сојуз на работниот народ изградил далеку пожилави локални структури отколку што првично се чинеше и многу вкоренети во своите средини. Се разбира, помогна и тоа што една од најгледаните телевизии беше во сопственост на лидерот на партијата, каде што се емитуваше и мошне гледана политичка програма (покрај Дневникот, во предизборието интензивно се следеше емисијата „Профил“ на новинарот Драган Павловиќ-Латас).
Кај опозицијата ќе дојде до спојување на Демократската и на Либералната партија во ЛДП, со очекување дека новиот политички амалгам ќе произведе посериозна „трета опција“. Меѓутоа, овој потег ќе доведе со сериозни потреси во некогашната Демократска партија, од каде што ќе се излачат неколку струи. Некои од прекалените опозиционери веднаш ќе бидат кооптирани во ВМРО-ДПМНЕ, кое во 1997 година поминува низ сериозна обнова. Имено, при Кичевскиот конгрес од 1995 година, Љубчо Георгиевски ќе заклучи дека националистичката агенда од 1990 година е целосно истрошена и дека опстојувањето на таа платформа веќе никаде не води и партијата реално ја губи поддршката (ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на својот историски минимум во 1994 година со 141 илјада гласа на парламентарните избори, а претходно вонредните избори во скопската „103“ покажаа дека Демократската партија ги освојува урбаните опозициски гласачи). Всушност, по 1995 година Љубчо Георгиевски гради целосно нова политичка партија, врз основите на претходната ВМРО-ДПМНЕ, која се подготвува да биде реална алтернатива на владејачкиот СДСМ. Во 1997 година ќе бидат кооптиран и министрите од првата влада, преку Советот на интелектуалци на партијата, предводен од поранешниот премиер Никола Кљусев (кругот околу него долго ќе талка во политиката, па дури и ќе се обидат да основаат некаква Национална конвенција на Македонија пред да се вдомат во ВМРО-ДПМНЕ во 1997 година). Со новата идеолошка платформа ВМРО-ДПМНЕ ќе настојува да им се претстави на гласачите како центристичка сила и да го отфрли бремето на „партијата со опасни намери“ од почетокот на 1990-тите. Во меѓувреме и ПДП ќе се избори за поголем колач во распределбата на врвните политички места, за поширок опфат на настава по мајчин албански јазик во основните и во средните училишта, но и натаму ќе наидува на сериозен отпор од СДСМ за влез во најсериозните прашања околу меѓуетничките односи. ДПА, пак, ќе биде сериозно осакатена по настаните од 1997 година.
Изборите ќе ги реши новиот политички субјект наречен Демократска алтернатива. Преку оваа партија на политичката сцена ќе се врати Васил Тупурковски, некогашниот член на југословенското претседателство од Македонија, кој е првиот демократски избран функционер на референдумот од 23 јуни 1989 година (неговите 720 илјади гласа остануваат недостижни за кој било инокосно избиран политичар во историјата на Македонија). И ден-денес популарниот Циле останува најголемата сфинга на македонскиот демократски преод. Во 1998 година тој беше идеалниот кандидат затоа што во него можеа да се проектираат сите можни идеолошки правци во македонската политика. Па, за центристичките гласачи тој беше умерениот политичар што постојано бараше компромиси за разумен излез од кризите, за номенклатурата беше најлогичен избор како еден од нејзините најнадежни изданоци, за националистите тој беше човекот што ги врати Александар Македонски и античкото минато во дискусиите за македонскиот идентитет, за Албанците тој беше политичарот што ги поддржа барањата да се стави точка на репресивната политика од 1980-тите, за носталгичарите тој беше еден од омилените Титови младинци, па дури и љубителите на „ликот и делото“ на Слободан Милошевиќ се потсетуваа како тој го спаси Слобо и со дискусијата за „непринципиелната коалиција“ на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Југославија од 1988 година по „јогурт-револуцијата“ во Војводина, а и потоа на 9 март 1991 година кога гласаше за воена интервенција на ЈНА против белградските демонстранти од опозицијата.
Е, токму околу Васил Тупурковски ќе се создаде политичко движење како своевидна „трета сила“ во македонската политика, вклучувајќи ги и центристичките гласачи што уште се колебаат да му дадат поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, а притоа се разочарани од спојувањето на Демократската партија со, барем за нив, некомпатибилната Либерална партија на Стојан Андов, потоа значаен дел од номенклатурата и од социјалистичката средна класа што ќе станат „губитници на транзицијата, приватизацијата и глобализацијата“, уплашени за својата егзистенција и за иднината на своите поколенија, новата урбана средна класа, еден значаен дел од „победниците на транзицијата“ што сакаат да излезат од челичната прегратка на СДСМ, младите што се во потрага по нова опција, па дури и дел од Албанците што не се препознаваат во етничката агенда. Васил Тупурковски ќе остане запомнет и по неговиот говор кога ќе повика за „историски договор“ помеѓу Македонците и Албанците далеку пред 2001 година и рамковниот договор.
Интересен детаљ за овие избори е фактот што власта влезе во дијалог со тогашната вонпарламентарна опозиција, па по првпат (и последен) во македонската историја се отиде на мешовит изборен модел со 85 пратеници избрани со двокружен мнозински систем и 35 преку пропорционална листа со Македонија како една изборна единица и изборен праг од 5 проценти.
Бранко Црвенковски притоа ќе ја повтори грешката на Петар Гошев од првите повеќепартиски избори, па СДСМ ќе влезе во изборната борба без склучување предизборни коалиции. Во тој момент владејачката партија може лесно да склучи сојуз од Социјалистичката партија и со политичките партии на помалите етнички заедници. Воопшто не е незамисливо дури и да се направи предизборен пакт со Демократската алтернатива на Васил Тупурковски. Но во СДСМ се убедени во нивниот успех, меѓу другото и поради предизборните анкети што им даваат значителна предност пред ВМРО-ДПМНЕ, но и затоа што сметаат дека нивниот главен политички противник е сѐ уште онаа „партија со опасни намери“ од почетокот на 1990-тите, па дека ни партиите на етничките Албанци, а ни другите опозициски партии нема да влезат со нив во сојуз. Во очите на граѓаните, фактот што СДСМ излегува сама на изборите повторно го враќа впечатокот за ароганцијата на партијата и нејзиното раководство, а не помага на изборниот слоган „Победа за Македонија“ во услови на сериозни социјални нарушувања заради распадот на Југославија, приватизацијата, глобализацијата, непризнавањето од Грција и пребавниот од кон европските интеграции.
Љубчо Георгиевски, пак, е сосема свесен за ранливоста на ВМРО-ДПМНЕ, а и дека за него лично изборите од 1998 година се веројатно последната шанса да остави свој белег како политичар во Македонија.
Првично, тој влегува во преговори со ЛДП и покажува подготвеност да им даде многу повеќе добитнички места отколку што е нивната политичка тежина во предизборните анкети. Но овие преговори пропаѓаат. Тука Георгиевски прави еден маестрален потег, па влегува во предизборна коалиција со Демократската алтернатива на Васил Тупурковски, која наводно била склучена во познатиот ресорт Порто Карас на грчкиот полуостров Халкидики. ЛДП, пак, избира да настапи сама на изборите (во коалиција со ДПМ на контроверзниот Томислав Стојановски-Бомбај за да се спречи тој да им одлее гласови заради сличноста со името на некогашната Демократска партија).
Кај Албанците се случува најинтересен избор, па ПДП и ДПА избираат да ги закопаат „воените секири“ и да се издигнат над жестоките судири, па да излезат со предизборна коалицијата. Причините за овој потег се многуслојни. На внатрешен план ДА и Васил Тупурковски влегуваат во кампања и во етнички чистите албански средини, што е новина за македонската демократија (дотогаш се случувало СДСМ, претходно СКМ-ПДП, како и ЛДП, ЛП, претходно СРСЈ/М да истакнуваат свои кандидати, но со исклучок на Јусуф Војника во Дебар никаде тоа не бил сериозен и добро осмислен обид). Евентуалниот успех на ДА би го обесмислил постоењето на партии со етнички предзнак. Но, од друга страна, воените ветришта од Косово дополнително ги збиваат редовите кај политичките партии на Албанците во Македонија. До есента југословенската војска ќе го задуши востанието на УЧК на Косово, а полициските интервенции во Тетово и во Гостивар за симнување на етничкото знаме на Албанците, како и целата епизода со „Коридорот“ на Глигоров, ќе ја начне довербата во коалицискиот партнер СДСМ (кон ВМРО-ДПМНЕ отклонот е и далеку поголем по студентските протести од 1997 година). Можеби најзначаен ќе биде новиот изборен модел, кој ќе даде дополнителен бонус доколку албанскиот етнички глас е обединет. Па, така, тие 214 илјади гласа од 1998 година остануваат недостижен рекорд за која било партија или коалиција на етничките Албанци во Македонија.
Под слоганот „Промени“, ВМРО-ДПМНЕ и ДА го фаќаат духот на времето и освојуваат убедлива победа на изборите. За разлика од првите избори во 1990 и 1994 година, овој пат во вториот круг не одат сите кандидати што освоиле над 7 проценти од излезените избирачи туку само првите двајца од првиот круг. Тоа ќе се покаже како катастрофално за владејачката СДСМ, но и кобно за ЛДП. На СДСМ нема да му помогне ни тоа што се тогаш миленици на меѓународната заедница и што Вашингтон и Брисел повеќе сакаат да видат целосен континуитет во Македонија токму во моментите пред да ескалира кризата на Косово и да започне интервенцијата на НАТО против Сојузна Република Југославија.
Така, на изборите од 1998 година Македонија избра промена… Што ќе значи тоа за меѓуетничките односи ќе зборуваме во следната колумна од овој серијал.
Ивица Боцевски
(продолжува)

































