Фото: Милко Живковиќ

Министерот Османи, кој не само не го помогна, ниту дојде на отворањето на македонскиот клуб, туку го нападна неговото отворање и оние што го помогнаа тоа, продолжува во ист дух. Тој сега ги нападна и оние, кои за разлика од него, дојдоа да ги поддржат културните права на Македонците во Бугарија, стои во реакцијата на ОМО „Илинден-Пирин“ по повод изјавата на министерот Бујар Османи за македонскиот клуб во Благоевград.
Од друштвото реагираат дека изјавата на Османи е неоснована и неиздржана, посебно зашто не била проверена инфомацијата што ја пласирал министерот.
– Друштвото за заштита на основни човекови права, не е забрането после отворањето на клубот, ниту како последица од доаѓањето на вашите политички опоненти на неговото отворање. Тоа е недоразбирање во некои медиуми, кое и вие го ширите сега. Друштвото е дерегистрирано три недели порано, само што врховниот суд така и не ги информирал неговите членови. Но процесот на одземање на регистрацијата започна уште во 2019 година и уште во 2020 година веќе имаше одлука на Благоевградскиот суд во таа насока. Не памтиме да сте реагирале на тоа. Ако сакате можете да се информирате детално од годишните извештаи за правата на Македонците во Бугарија што ги објавуваме на нашата веб-страна – стои во реакцијата на ОМО „Илинден-Пирин“.
Оттаму даваат забелешка и за неговото отсуство на отворањето на македонскиот клуб.
– Не треба тие што дојдоа да се правдаат пред нас, вие треба да објаснувате пред македонскиот народ зашто не дојдовте. Но, дури и да беше како што велите, зарем не требаше како надворешен министер на Македонија да реагирате пред Бугарија и критиките да ги упатите кон неа?! Очигледно за вас е нормално и во ред, ако бугарски суд по политички причини забранува друштво на Македонците во Бугарија. И кога тоа се случува вината не е на Бугарија туку на Македонците, коишто не направиле ништо незаконско, само дошле да дадат поддршка. И секако на нас Македонците – зашто сме решиле да имаме клуб. Нема начин нашите законски дејствија да не завршат на наша штета кога сме во држава која ги гази сите меѓународни принципи на правото и нѐ дискриминира на етничка основа и кога имаме маќеична наместо матична земја, која никако да нѐ заштити – велат од ОМО „Илинден-Пирин“.
Отаму реагираат и на неговата изјава дека луѓе од Канада не ја знаат подобро проблематиката на Македонија од тие што живеат во земјата.
– А каде бевте вие и вашата влада да помогнете? Бевте повикани и да помогнете и бевте поканети да дојдете. Немојте да се обидувате ништо-неправењето што го практикувате да ни го продавате како грижа. Се надеваме не мислите сериозно дека спаѓате меѓу луѓето „кои подобро ја разбираат проблематиката“. Да беше така ќе знаевте дека не е тоа „здружение на двајца од Канада“ и дека луѓето за кои така потценувачки зборувате цел живот се бават со ова проблематика и имаат направено за Македонците во различни земји – многу, навистина многу. Без нив и луѓе како нив во Австралија, САД, Европа и други земји македонските движења во Грција и Бугарија тешко дека би постигнале некој сериозен успех. Можеби дури не би опстанале – велат од ОМО „Илинден-Пирин“.