– Нема поделба, нема раскол меѓу Европејците и тоа мора да го зачуваме. Тоа е нашата мисија број еден оваа година – рече Зеленски во обраќањето преку видео-врска пред учесниците на конференција во Литванија.
– Европа си помага себеси. Не ѝ помага на Украина да ѝ се спротивстави на Русија, ова ѝ помага на Европа да се спротивстави на руската агресија – додаде тој.
Голем дел од Украина остана без греење и струја по разорните воздушни напади на Русија врз нејзината електрична мрежа, а жителите на Киев се предупредени да се подготват за натамошни напади и да обезбедат резерви вода, храна, како и топла облека.
Владите на Европската унија синоќа беа поделени околу нивото на кое би била ограничена цената на руската нафта и на тој начин да ја лимитираат способноста на Москва да ја финансира војната, при што Зеленски ги повика лидерите на ЕУ да договорат цена од 30 долари.
– Намалувањето на цените е многу важно. Слушаме за (предлози за горно ниво на цената на барелот) 60 или 70 долари. Таквите зборови повеќе звучат како отстапка (кон Русија) – предупреди Зеленски.
Тој изрази благодарност до колегите од Полска и од балтичките земји за нивните „сосема разумни предлози, да се ограничи цената на 30 долари за барел“.
– Тоа е многу подобра идеја – додаде украинскиот претседател.
Членките на ЕУ во средата не постигнаа договор за ограничување на цената на руската нафта, бидејќи земјите беа поделени по предлогот на групата Г7 – за утврдување горна граница на цената од 65 до 70 долари за барел.
Полска сака ограничувањето да биде 30 долари, тврдејќи дека со трошоците за руско производство проценети на околу 20 долари за барел, предлогот на Г-7 би овозможил преголем профит за Москва. Литванија и Естонија ја поддржуваат Полска.