Фото: Веб-страница на украинскиот претседател

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика лидерите на Г20 да станат „кокреатор на мирот“ и да стават крај на „агресивната“ војна на Русија.

– Убеден сум дека сега е моментот кога руската деструктивна војна мора и може да се запре – рече Зеленски во видеообраќање на самитот на Г20 на Бали.

– Секој ден одложување значи нови загинати Украинци, нови закани за светот и лудо зголемување на загубите поради продолжување на руската агресија – загуби за сите во светот – нагласи тој.

Украинскиот лидер рече дека мирот е „глобална вредност“ која е важна за секој човек во светот, и ги повика лидерите да преземат акција за да обезбедат нуклеарна безбедност, безбедност на храната и енергијата, да го обноват меѓународното право и да и помогнат на Украина да ја прекине војната.

– И ако Русија се спротивстави на нашата формула за мир, ќе видите дека таа сака само војна – рече Зеленски.