Фото: Принтскрин

Самитот на лидерите на Групата 20 (Г-20) беше отворен денеска на островот Бали со барање на Индонезија, која е домаќин на самитот, за единство и конкретна акција, со што би се постигнало подобрување на глобалната економска состојба, и покрај длабоките поделби што постојат меѓу земјите околу војната во Украина.

– Немаме други опции, потребна е соработка за да се спаси светот. Г-20 мора да биде катализатор за инклузивно економско закрепнување. Не треба да го делиме светот на блокови. Не смееме да дозволиме светот да западне во нова Студена војна – рече индонезискиот претседател Џоко Видодо во воведното обраќање, пред лидерите на најбогатите земји во светот да ги започнат разговорите зад затворени врати.

Земјите од Г-20 сочинуваат 85 отсто од светското економско производство и 75 отсто од светската трговија.

Во нив живеат две третини од светската популација.

Членки на Г-20 се Аргентина, Австралија, Бразил, Канада, Кина, Франција, Германија, Индија, Индонезија, Италија, Јапонија, Мексико, Русија, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Јужна Кореја, Турција, Велика Британија, Соединетите Американски Држави и претставници на Европската унија, односно администрацијата во Брисел. Шпанија е секогаш поканета како гостин.

Пред самитот, американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот претседател Си Џинпинг одржаа тричасовен состанок и порачаа дека никогаш не треба да се води нуклеарна војна.

Тоа беше нивна прва средба откако Бајден стана претседател. Двајцата лидери ветија почеста комуникација и покрај многуте разлики.

Групата Г20 водечки светски економии е „длабоко загрижена“ поради глобалната криза со храна, се вели во нацрт-заедничката завршна декларација од самитот во Индонезија.

Глобалната безбедност на храната е „влошена од актуелните конфликти и тензии“, пишуваат лидерите од Г20, повикувајќи на употреба на „сите достапни алатки“ за борба против кризата и „заштита на најранливите од глад“.

Војната во Украина, која почна на крајот на февруари, имаше сериозно влијание врз глобалните пазари на храна. Двете земји се сметаат за два од најважните извозници на жито во светот.

Земјите-членки на Г20, вклучително и Русија, ветија дека „ќе преземат акција за промовирање на безбедноста на храната и енергијата и поддршка на стабилноста на пазарите, обезбедувајќи привремена и насочена поддршка“, се вели во заедничката декларација.

– Ќе преземеме понатамошни координирани активности за справување со предизвиците за безбедноста на храната, вклучително и порастот на цените и недостигот на прехранбени производи и ѓубрива на глобално ниво – нагласува Г20.