Фото: Твитер/Кремљ

Германскиот канцелар Олаф Шолц изрази сомнеж дека советниците целосно го информираат рускиот претседател Владимир Путин за ситуацијата во Украина.

Шолц во германски политички поткаст, што ќе биде објавен в недела, нагласува дека е убеден оти „рускиот претседател не е добро информиран“ и дека „службите кријат многу од него, на пример, колку руски војници загинале во оваа војна“.

Слична изјава даде и шефот на британската разузнавачка агенција Џи-Си-Ејч-Кју, кој вчера рече дека советниците на Путин се плашат да му ја кажат вистината. Слични коментари дадоа и американските власти вчера, повикувајќи се на своите разузнавачки информации.

Сепак, Шолц напомена дека „Кремљ треба да биде свесен за размерите на неговата погрешна проценка за Украина“.

– Путин почувствува дека е измамен од руската војска – рече Шолц, додавајќи дека тоа предизвикало тензии меѓу лидерот на Кремљ и военото раководство.

Шолц истакна дека Русија не може да излезе како победник, без разлика како ќе заврши конфликтот.

– Оваа војна не само што ја уништува Украина, туку и иднината на Русија – рече тој, додавајќи дека без мирно решение, Русија нема да може да се врати ниту на „умерен“ економски раст.