Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека војната со Иран е „блиску до крај“ и дека Техеран силно сака да постигне договор за ставање крај на конфликтот, пренесува „Индипендент“.
Во интервју за „Фокс бизнис“, Трамп истакнал дека Иран се наоѓа во тешка ситуација и дека неговата економија е сериозно погодена.
– Ако сега се повлечам, ќе им требаат 20 години да ја обноват својата земја. Но, ние сè уште не сме завршиле. Ќе видиме што ќе се случи. Мислам дека сакаат договор по секоја цена – изјавил Трамп.
Тој додал дека во наредните денови може да дојде до напредок во мировните преговори, иако разговорите во Исламабад за време на викендот завршиле без конкретен резултат.
Во меѓувреме, американската блокада на Ормускиот Теснец веќе е во сила, а Централната команда на САД соопшти дека американските сили воспоставиле „поморска супериорност на Блискиот Исток“.
Според Сентрал коменд, блокадата има силно влијание врз иранската економија.
– Околу 90 проценти од економијата на Иран зависи од меѓународната трговија по море. За помалку од 36 часа од воведувањето на блокадата, американските сили целосно ја запреа економската размена на Иран преку море – се наведува во соопштението.
Експертите предупредуваат дека ваквите потези дополнително ја зголемуваат неизвесноста во регионот и ризикот од ескалација, иако дипломатските напори за решение сè уште траат.
































