По руското вето во Советот за безбедност на ОН, дипломатскиот судир се префрла во Генералното собрание

Во тек се дипломатските напори на САД и ЕУ меѓу членките на Обединетите нации (ООН) да се излобира „резолуција со која се осудуваат територијалните претензии на Русија во Украина“. Западните сојузници засега се фокусирани да дојдат до 141 глас во Генералното собрание, тоа е бројката на земји што (досега) ја осудија руската инвазија на Украина во март. Од друга страна, Русија побара тајно гласање, за да се намали просторот за маневрирање на западните земји…

Подготвил: Mарјан Велевски

Меѓународната јавност со големо внимание ја следи „дипломатската војна“ што деновиве се води во Њујорк, во врска со последните активности во рамките на Организацијата на Обединетите нации. Имено, во тек е обидот на САД и ЕУ меѓу членките на Обединетите нации да се излобира „резолуција со која се осудуваат територијалните претензии на Русија во Украина“.
И западните медиуми се вклучени во поддршката на лобирањето и во функција што повеќе земји да ја поддржат споменатата резолуција, при што медиумите ѝ го даваат епитетот „историска“.

Русија обвинета дека ја прекршила Повелбата на ОН

Американскиот претседател Џо Бајден, во неодамнешниот говор на годишното собрание на ОН, ја обвини Русија дека ја прекршила Повелбата на ОН, со прогласувањето анексија на четирите украински региони, врз основа на, како што истакна, референдум со сомнителна законитост. Украинскиот претседател Володимир Зеленски истовремено ги повика земјите да се откажат од воздржаноста и неопределеноста.

Дефинитивно треба да изберете страна. Не можете да се колебате меѓу доброто и злото, светлината и темнината – рече украинскиот претседател.
Интензивното лобирање за поддршка во Генералното собрание започна веднаш откако Русија стави вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се осудува нејзиното право на четирите украински региони.

Европската Унија ги покани речиси сите членки на ОН – 188 земји – да разговараат за нацрт-резолуцијата. Белорусија, Сирија, Северна Кореја и Еритреја не беа поканети поради тоа што застанаа на страната на Русија за време на претходните гласања во ОН.

Медиумите што имале можност да ја добијат нацрт-резолуцијата наведуваат дека во неа се бара Москва да ги повлече своите трупи од Украина и дека „нелегалните референдуми“ организирани од Кремљ „немаат валидност според меѓународното право и не претставуваат основа за каква било промена на статусот на овие региони на Украина“.

Москва побара тајно гласање за нацрт-резолуцијата

Од друга страна, ниту Русија не седи со скрстени раце. Нејзините претставници побараа тајно гласање, за да се намали просторот за маневрирање на западните сојузници што ги преземаат поранешните сојузници на Русија.
Според некои процени, западните сојузници засега се фокусирани да дојдат до 141 глас, тоа е бројката на земји што го осудија руското навлегување на територијата на Украина во март. Тоа го потенцира и естонскиот амбасадор во ОН, Реин Тамсар, кој дополнува дека „тоа е златниот стандард, а 100 гласа би биле пристојни“, имајќи предвид дека 193 држави се членки на ОН.

Историски гледано, токму 100 гласа доби резолуцијата на Генералното собрание на ОН од 2014 година, со која се критикуваа напорите на Русија за анексија на украинскиот регион Крим со референдум.

Позната е и стратегијата во кои насоки се одвива лобирањето. Главните цели веројатно ќе бидат Индија и Јужна Африка, заедно со многу помали нации. Европските власти го презедоа водството во мобилизирањето на претходно воздржаните земји, како што е Јужна Африка.

Се проценува дека поддршката ќе зависи и од текстот на резолуцијата: ако текстот тесно се придржува до важноста за зачувување на територијалниот интегритет на земјата, веројатно е дека повеќе земји ќе го потпишат. Со поостар јазик на осуда на Русија ќе се зголеми бројот на оние што ќе се оградат.

Европа и САД бараат нови сојузници меѓу земјите од Африка и Латинска Америка, главните региони на таканаречениот глобален југ. Многу од овие земји се обидоа да останат неутрални во конфликтот меѓу Русија и Украина. Медиумите што одблизу ја следат ситуацијата проценуваат дека политиката на Индија особено ги фрустрира САД, бидејќи таа голема земја продолжува да купува руски енергетски производи.
„Војната за гласови“ во ОН се заострува, а каква ќе биде разврската, останува да се види наскоро.