Луѓето ширум светот ја прославија Новата година, надевајќи се дека 2022 година ќе биде многу подобра, а на многу места, прославата беше многу ограничена или откажана втора година по ред поради нагло зголемување на инфекцијата со коронавирус, овој пат предизвикана од високо заразниот омикрон.

Во Европа, каде што речиси милион луѓе починаа од коронавирус во текот на изминатата година, традиционалните концерти и огномети, на кои обично има илјадници на улиците, беа откажани во повеќето поголеми градови – Лондон, Париз, Цирих, Брисел, Варшава и Рим, пренесуваат светските медиуми.

Главниот град на Франција, Париз, ја дочека 2022 година со рестриктивни мерки, но и покрај тоа голем број луѓе излегоа на улиците. Ајфеловата кула беше обоена во сина боја со ѕвездите на Европската Унија, што го означи почетокот на француското претседателство со ЕУ, пренесоа француските медиуми. Многубројните прослави беа откажани и пред Божиќ, поради ширење на сојот омикрон и голем број заразени лица.

На Елисејските полиња во Париз имаше неколку илјади туристи, кои главно носеа маски и се фотографираа за спомен. Недостасуваше традиционалниот огномет, планираните концерти на Елисејските полиња париските власти ги откажаа, па посетителите мораа да се задоволат главно од прошетката.

Грција влезе во 2022 година под сенката на новиот негативен рекорд во бројот на заболени од Ковид, 40.560, додека омикронот се шири со голема брзина.

Во Атина се одржа традиционален новогодишен концерт, кој се емитуваше на телевизија, а без присуство на публика се пукаше огномет, а изостанаа и новогодишните настани во другите делови на Грција, објави „Катимерини“.

Обединетото Кралство ја дочека 2022 година со голем „бенд“ и забави кои се одржаа низ земјата, како и огномет кој се врати во Лондон по едногодишна пауза поради пандемијата. Небото над Лондон беше осветлено со голем огномет, додека илјадници граѓани го следеа пиротехничкото шоу над Темза.

Над црквата Свети Василиј и во Кремљ беше организиран огномет. Црвениот плоштад беше празен поради ограничувањата поради пандемијата од коронавирусот.

Рускиот претседател Владимир Путин во новогодишното обраќање рече дека Русија ги брани своите интереси цврсто и доследно и предупреди дека коронавирусот сè уште не се повлекува.

Њујорк ја прослави Новата година на Тајмс Сквер, каде насобраните луѓе, беа многу помалку од претходните години пред пандемијата.

Во Њујорк, 15.000 луѓе, како што беше пропишано со епидемиолошките мерки, во студената ноќ гледале како топката тешка 6 тони се спушта, опкружена со речиси 2.700 кристали.

Градските власти инсистирале да се одржи новогодишна прослава, за разлика од минатата година, со цел да ја покажат отпорноста на градот дури и во времето на повторното појавување на коронавирусот.