фото: ЕПА

Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) објави дека в петок, 7 февруари во 23:59 часот, сите вработени директно ангажирани во Агенцијата ќе бидат ставени на административно отсуство ширум светот, со исклучок на одреден персонал одговорен за клучните функции, клучните лидери и конкретно одредени програми.

Како што е наведено, основниот персонал кој се очекува да продолжи со работа ќе биде известен од раководството на Агенцијата до четврток, 6 февруари, во 15 часот по локално време.

За персоналот на УСАИД кој моментално е распореден надвор од САД, Агенцијата, во координација со мисиите и Стејт департментот, во моментов подготвува план, во согласност со сите важечки барања и закони, според кој Агенцијата ќе организира и плати за повратното патување во САД во рок од 30 дена и ќе обезбеди раскинување на договорите за кои не е утврдено дека се суштински.

– Агенцијата ќе ги разгледа исклучоците од случај до случај и продолжувањето на повратното патување врз основа на лични или семејни тешкотии, загриженост за мобилноста или безбедноста или други причини – велат од УСАИД.

На пример, Агенцијата ќе разгледа исклучоци врз основа на времето на школување на издржуваните лица, личните или семејните медицински потреби, бременост и други причини“, се вели во соопштението.

Се додава дека ќе бидат обезбедени и упатства за тоа како вработените можат да бараат исклучок.

УСАИД, основана во 1961 година, е една од најголемите официјални агенции за помош во светот и има мисии во над 100 земји, пред сѐ во Африка, Азија, Јужна Америка, Блискиот Исток и Источна Европа.

Американскиот претседател Доналд Трамп на почетокот на февруари потврди дека ќе ја укине американската агенција за меѓународен развој (УСАИД).  Функционирањето на агенцијата е доведено во прашање откако администрацијата на Трамп објави дека размислува за спојување на УСАИД со Стејт департментот, со цел да го намали персоналот на агенцијата и да ги усогласи нејзините трошоци со политиката на Трамп – „Америка на прво место“.