Фото: Принт-скрин

И покрај еднострано прогласеното 36-часовно примирје, руските сили продолжија со нападите и во изминатите 24 часа пријавени се напади врз цивили во најмалку седум региони во источна и јужна Украина, при што загинаа најмалку три лица, а повредени се 14 луѓе.

– Руските војници го гранатираа јужниот дел на Херсон 39 пати во текот на изминатиот ден, а на цел беа станбени згради и зградата на противпожарната станица во ослободениот Херсон – изјави гувернерот Јарослав Јанушевич.

Во источниот регион Донецк, гувернерот Павло Кириленко изјави дека двајца цивили биле убиени во Бахмут и блискиот град Краснаја Гора. Уште седум се повредени.

– Руските војници продолжија да ги тероризираат цивилите во регионот, при што се напаѓани ослободените области, како и териториите во близина на руската граница. Иако нема жртви, оштетени се станбени и деловни објекти – истакна гувернерот на Харковската Област, Олег Синехубов.

Во југоисточниот дел на земјата, руските војници гранатираа 16 населби во регионот Запорожје, при што се оштетени станбени згради.

Властите во самопрогласената Донецка Народна Република (ДНР) денеска соопштија дека украинските сили истрелале 10 проектили од повеќецевни ракетен систем кон Доњецк.

По гранатирањето врз округот Петровск и Кировск во Донецк  биле истрелани четири проектили од НАТО калибар од 155 милиметри.

Округот Петровск и Кировск и вчера веќе беа мета на гранатирање од страна на украинските сили.

Рускиот претседател Владимир Путин вчера нареди 36-часовен прекин на огнот на целиот фронт по повод божиќните празници, но ниту руската ниту украинската страна не го почитуваат примирјето.