Фото: Твитер/Министерство за одбрана на Украина

Јуриј Ихнат, портпарол на украинските воздухопловни сили, на конференција во Киев изјави дека Украина би можела да ги гаѓа иранските проектили на нивните локации за лансирање, кои се наоѓаат длабоко во Русија.

– Тие мора некако да се уништат, веројатно од местото каде што се лансирани, затоа што немаме ефективни средства за борба против балистичките проектили, освен нивното физичко уништување во фазата на лансирање – посочува портпаролот.

Ихнат рече дека иранските проектили имаат „дострел од 300 до 700 километри, што во принцип нема да биде ништо ново за Украина, бидејќи искандерите од руско производство се користат уште од првиот ден на војната“.

– Мислам дека и врвот на армијата и нашите партнери работат на ова прашање, барајќи ефективни начини да се спротивстават на овие нови закани – потенцираше Ихнат.


Северна Кореја ги отфрли наводите дека склучила договори за оружје со Русија

Северна Кореја денеска соопшти дека никогаш не склучувала договори за оружје и оти не планира да го стори тоа, јавија државните медиуми во земјата. Соопштението следуваше откако САД објавија дека се чини оти таа ја снабдува Русија со артилериски гранати за војната во Украина.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби минатата недела изјави дека САД имаат информации што покажуваат оти Северна Кореја тајно ја снабдува Русија со „значителен“ број артилериски гранати.

Како што појасни Кирби, Северна Кореја се обидува да ги скрие испораките, праќајќи ги преку земјите од Блискиот Исток и Северна Африка, па Вашингтон набљудува дали тие се примени.

Претставник на севернокорејското Министерство за одбрана ги нарече обвинувањата гласини и додаде дека Пјонгјанг „никогаш немал „договори за оружје“ со Русија“ и „не планира да го стори тоа во иднина“.

„Таквите потези на САД ги сметаме за дел од нивниот непријателски обид да се извалка угледот на ДНРК на меѓународната сцена повикувајќи се на незаконска „резолуција за санкции“ (Советот за безбедност на ОН) против ДНРК“, се наведува во соопштението на претставникот, каде Северна Кореја се нарекува според иницијалите на нејзиното официјално име, Демократска Народна Република Кореја.

Дел од медиумите пишуваат дека каква било помош во форма на оружје, би била дополнителен знак за продлабочувањето на врските меѓу Москва и Пјонгјанг, во период кога расте изолацијата на Русија поради нејзината војна во Украина. Северна Кореја беше една од ретките земји што ја призна независноста на отцепените украински региони и изрази поддршка за руската прогласена анексија на делови од Украина.