Фото: Твитер / Турска агенција за управување со вонредни состојби

Турските безбедносни сили уапсија најмалку 98 лица за наводно ограбување оштетени згради и грабеж или измама на жртвите од разорниот земјотрес минатата недела, објави турската државна новинска агенција „Анадолија“.

– Најмалку 42 осомничени се под истрага во јужната турска провинција Хатај за наводно ограбување оштетени згради, според безбедносни извори, кои сакаа да останат анонимни – пренесе „Анадолија“.

Уапсени се најмалку 40 осомничени, а безбедносните сили заплениле шест пиштоли, три пушки, накит, банкарски картички, околу 11.000 долари и 70.000 турски лири (околу 3.700 евра) во готовина, објавија државните медиуми.

Уапсени се уште две лица откако се претставиле како хуманитарни работници и наводно се обиделе да ограбат шест камиони со храна за жртвите од земјотресот во провинцијата Хатај, соопшти агенцијата.

– На друго место во земјата, десетици други осомничени беа уапсени за грабеж во областите погодени од земјотресот – јавува „Анадолија“.

Осомничените се уапсени во најмалку осум провинции, вклучувајќи ги Кахраманмарас, Хатај, Адијаман, Малатија, Османије, Адана, Газиантеп и Шанлиурфа, се додава во написите.