Фото: Твитер/Дмитри Медведев

Поранешниот руски претседател и премиер, Димитриј Медведев, изјави дека светот веројатно е на работ на нова светска војна и оти ризиците од нуклеарен конфликт растат.

– Светот е болен и многу веројатно е на работ на нова светска војна – рече Медведев, кој моментално ја извршува функцијата заменик-претседател на Путин во Советoт за безбедност, на конференцијата во Москва.

Тој рече дека ваквата нова светска војна не е неизбежна, но дека ризиците од нуклеарен конфликт се поголеми и посериозни од загриженоста за климатските промени.

Додаде дека целите на „специјалната воена операција“ ќе бидат остварени, а на прашањето како го оценува нејзиниот напредок, одговори дека тоа е сложено прашање.

– Можам само да кажам дека сум апсолутно убеден дека ќе се постигнат сите цели што претседателот ги постави пред нашите војници за извршување на специјална воена операција – рече Медведев.

– Денес не се соочуваме со украинската армија, туку со целата Северноатлантска алијанса – рече Медведев.

– Специјалната воена операција е нашиот одговор на бескрајното проширување на НАТО. И јас и моите соборци и колеги имавме некои илузии во 1990-тите дека ќе почнеме да живееме во хармонија со Европејците и САД и дека повеќе нема да бидеме непријатели и оти повеќе нема да се судриме. Сепак, сето тоа се распадна – рече тој.