Американскиот ар-ен-би пејач Р. Кели е осуден на 30 години затвор за сексуалнo насилство. Пресудата ја донесе окружната судијка Ен Донели пред Федералниот суд во општината Бруклин во Њујорк, САД.
Овој 55-годишен музичар лани во септември, по пет и пол седмици судење, беше прогласен за виновен. Добитникот на „Греми“ за хитот „I Believe I Can Fly“ го следат контроверзии во изминатите дваесетина години.
Тој беше една од најистакнатите познати личности „на тапет“ на движењето против сексуално недолично однесување – „И јас исто така“ (#МеТоо).
Неколку жени кои сведочеа против Кели за време на судењето, претходно вчера уште еднаш потврдија дека музичарот им ветил менторство и помош при натамошната кариера, по што ги подложил на понижувачко сексуално однесување и физичко насилство. Според некои, злоупотребата имала долгорочно влијание и врз нивното психичко здравје.
Жена која се претстави како Ангела го опиша Кели како „волшебниот свирач“ налик на оној од детската бајка, кој ги демнел деца користејќи ги неговата слава и богатство.
– Со секоја нова жртва, растеше твојата злоба. Ги искористи твојата слава и моќ да ги заведуваш малолетните момчиња и девојки за твое сексуално задоволство. Ние веќе не сме луѓето кои некогаш беа плен – му порача таа на озлогласениот пејач.