Синдикално промашување?

Без намера некому да му се оспори правото на штрајк и актуелното синдикално дејствување да се оквалификува како застарено и надминато, мора да им се даде за право на оние што тврдат дека, овој пат, и местото и времето се промашени, но и да се потенцира колку, особено во случајот со платите на административците, контрапродуктивни би можеле да бидат блокадите на улиците. Граѓаните веќе многу пропатија од истата таа администрација, така што синдикалните лидери би требало да си ја преиспитаат стратегијата, но и поставените цели, барем во однос на овој штрајк

Политиката на платите, најсилниот двигател на работничкото незадоволство, деновиве ја соочи власта со еден од ретките најавени и реализирани генерални штрајкови организирани од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) во изминативе три децении. Во меѓувреме имаше многу најавени и одржани, но уште повеќе, во последен момент, откажани штрајкови, протести и манифестации на работничкото незадоволство, како и, најблаго речено, неразбирливи тактизирања на синдикалните лидери, што врз пошироката јавност, на некој начин, имаше ефект на имунотерапија кога станува збор за свесноста за генералната положба на работниците во Македонија. Дивеењето на цените и инфлацијата со кои резултира повеќеслојната криза, но и претходно дадените нереални ветувања од страна на некои претставници на актуелната власт, го направија своето, така што никој сега не може да го оспори правото на штрајк. Но само доколку сето ова се набљудува како изолирана ситуација. Поставено во поширок контекст, тоа е вистинско промашување. Многу тешко е сега, сето она што со години се толерираше во доменот на работничките (не)права, некому да му се прикаже како ненормално и неприфатливо, дури и кога е изразено во срамотно ниски износи. Уште потешко е да се прифати оти сѐ започнува и завршува со платите и со фамозното К15 и дека сѐ друго, од условите за работа, систематизациите, организациите…, е на задоволително ниво. Тоа уште повеќе што во случајов станува збор за штрајк за платите на вработените во јавната администрација, со која голем проблем имаат и власта и стопанството и граѓаните.

Предимензионирана, непродуктивна, неефикасна… администрација не е само фраза што упорно се повторува во извештаите на сите релевантни домашни и меѓународни фактори, таа е и секојдневна ноќна мора за сите оние што, според редот на нештата, зависат од нејзините услуги и кои притоа неретко се соочуваат со пренатрупани и зачадени канцеларии, замрсени шалтерски стакла облепени со пожолтени упатства, правилници и уредби, кои одамна веќе не се во сила, немо собирање раменици, но и крајно арогантно однесување, погрешно внесени податоци во документи, долготрајно чекање…
Кога ќе се помине цел работен век така што најголема возбуда претставува крцкањето од нагазените канцелариски бубашваби, најголем предизвик – организација на колективните предновогодишни и осмомартовски прослави, а најголем проект – спојување на празниците со викенди, собирање пари за дополнување на тегличките со кафе и шеќер или за свадбен подарок за некој од колегите, сосема е логично да се штрајкува за плати, особено ако работодавецот е државата.
Но тука има и клиенти, граѓани и стопанственици, на кои во овој период не само што им се ускратени услугите на администрацијата, туку тие секојдневно се изложени и на заканите за нарушување на нивното право на непречено движење, особено низ и така задушените улици на главниот град.

Во моменти на натпросечно високи температури, сѐ уште присутна пандемија на коронавирусот, силен притисок на енергетската и економската криза, воена психоза и оправдани стравувања од можната ескалација на конфликтот во Украина и вообичаени секојдневни проблеми, кои воопшто не се за занемарување, на луѓето најмалку им се потребни блокирани улици.
Без намера некому да му се оспори правото на штрајк и актуелното синдикално дејствување да се оквалификува како застарено и надминато, мора да им се даде за право на оние што тврдат дека, овој пат, и местото и времето се промашени, но и да се потенцира колку, особено во случајот со платите на административците, контрапродуктивни би можеле да бидат блокадите на улиците. Граѓаните веќе многу пропатија од истата таа администрација, така што синдикалните лидери би требало да си ја преиспитаат стратегијата, но и поставените цели, барем во однос на овој штрајк.

[email protected]