Фото: Твитер-профил на рускиот претседател

Русија им достави на САД листа на барања за кои смета дека се неопходни со цел да се избегне можноста за воен конфликт во Украина. Во предлогот доставен до американски дипломат во Москва, руската влада побара официјално запирање на проширувањето на НАТО кон Исток, трајно запирање на проширувањето на воената инфраструктура на Алијансата (бази и оружени системи) на територијата на поранешниот Советски Сојуз, прекин на воената поддршка за Украина и забрана за ракети со среден дострел во Европа. Пораката е јасна – ако овие закани не можат да бидат решени по дипломатски пат, Кремљ ќе се насочи кон воена акција, пишува „Форин аферс“.

Овие барања му беа познати на Западот чии политичари со години истакнуваат дека Москва не може да стави вето врз одлуките на НАТО. Но, се чини дека Москва сега е решена да одговори со контрамерки доколку не го добие посакуваното, што може да се согледа и во засебните барања кон САД и кон НАТО.

– Ако рускиот претседател Владимир Путин делува како да има предност во соочувањето, тоа е бидејќи навистина е така. Постапките на Путин сугерираат дека неговата крајна цел не е да ја освои Украина и да ја припои кон Русија, туку да ја промени ситуацијата на истокот на Европа по Студената војна. Таквата ситуација ја остави Русија да се води според правилата, без да има збор во европската безбедност која е центрирана околу НАТО. Ако Путин успее да го задржи НАТО надвор од Украина, Грузија и Молдавија, како и американските ракети со среден дострел надвор од Европа, тој смета дека ќе може да поправи дел од штетата што руската безбедност ја претрпе по завршувањето на Студената војна. Не е случајно што тоа може да му послужи и во 2024 година кога ќе бара реизбор на претседателската функција – заклучува американскиот магазин.