Фото: Министерство за одбрана на Украина

Белиот глисер се доближи до брегот на реката во источна Украина и од него се симнаа неколкумина украински војници оружени со пушки, кои делуваа изморено по деновите поминати на фронтот под удар на непријателските гранати, пишува „Њујорк тајмс“.

Но двајца од чамецот спроведуваа заробеник во руска униформа, чии очи беа преврзани со крпа и самолеплива лента за да не може да го распознае теренот на кој се наоѓа. Неговото име е Александар, тој има 69 години и инсистира дека не сторил ништо лошо, но Украинците не му веруваат.

Украинските и руските сили задржаа илјадници заробеници од почетокот на војната на 24 февруари. Во неизвесните битки, офанзивите и повлекувања честопати има бројни заробеници кои се носат на испрашување. А идентификацијата е релативно лесна, бидејќи борците на двете страни се униформирани.

Но, кога Александар беше заробен во Лиман минатата недела, тој носеше лесна облека, без вообичаената лента околу раката, што би ја означило неговата припадност – вообичаено црвена или бела за Русија, односно сина или жолта за Украина. За да го стоплат, украинските војници му дале руска јакна што ја имале во ровот.

– Тој излезе од шумата и пријде до нашите позиции – вели Сергеј, еден од украинските војници што го пронашле Александар, опишувајќи како го заробиле на новинарите од „Њујорк тајмс“ што ги посетиле на фронтот.

Малку работи на бојното поле можат да бидat одредени со сигурност – каде следно ќе нападне непријателот, што се наоѓа зад реката и дали следниот чекор е безбеден или ќе детонира нагазна мина.

Разговорот помеѓу украинските војници и заробениот Александар што се одвивал околу 15 минути нуди одреден увид за конфузијата што го дефинира секојдневието на фронтот – позната и како магла на војната.

Лиман е стратешки важен железнички центар во регионот Донецк што Русите го заземаа во мај, пред Украинците да го вратата изминатиот викенд. А враќањето на територијата подразбира и земање на руски заробеници. Повеќето се војници, што е можно да учествуваат во размена на заробеници со другата страна. Но има и цивили осомничени за соработка со Русите, меѓу кои се мисли дека спаѓа и заробениот Александар.

Украинците се убедени дека тој вршел извидница на теренот за руските трупи што се наоѓале во близина и се обидувал да ги открие нивните позиции, за да ја извести противничката страна.

„Тој разгледуваше наоколу“ посочува Сергеј, на што Александар протестираше, велејќи „Какво разгледување?! Одев за да соберам дрва за огрев. Како да знам чии позиции се тука?“.

Друг војник во близина го укорил заробеникот велејќи „на кого му раскажуваш приказни?“, а негов соборец го прашал „зошто им помагаш“, мислејќи на Русите.

За тоа време во далечина се слушала артилерија, по што војниците го осигуриле глисерот на брегот на реката.

Рацете на Александар биле одврзани, бидејќи Украинците сметале дека тој нема каде да бега. Заробеникот им посочил на војниците дека служел во советската армија во 1971 година и оти не бил припадник на сепаратискичките сили во Донецк.

Дел од Украинците се смееле на тврдењата на Александар, а други ги отфрлале со негодување, уверени дека соработувал со нивниот непријател. „Њујорк тајмс“ посочува дека сепаратистичките милиции се потпираат на локалните соработници, од кои дел се и повозрасни луѓе, но оти е малку веројатно некој како Александар, на речиси 70-годишна возраст да дејствува како шпион.

Заробеникот на американските новинари им кажал дека е исплашен. Објаснувањата на Александар не можеле да бидат потврдени, со што го очекувало испрашување од украинските разузнавачи.