Северна Кореја денеска истрела балистичка ракета со краток дострел во Жолтото Море. Ракетата е истрелана околу 18.20 часот по локално време (10.20 часот по средноевропско време) од област во близина на пристанишниот град Нампо, соопшти армијата на Јужна Кореја и не даде проценка до каде таа летала.
Лансирањето на ракетата следи откако влијателната сестра на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во вторникот предупреди дека Пјонгјанг е подготвен да преземе „брза, сеопфатна акција“ против САД и Јужна Кореја, во време кога тие две сојузнички земји ја зајакнуваат воената соработка поради растечката нуклеарна закана на Северна Кореја.
Ким Јо Јонг, сестрата на лидерот Ким Џонг-ун, предупреди во изјавата дека Пјонгјанг ќе го сфати како објавување војна доколку САД преземат воена акција против тестовите за стратешко оружје на Северот. Таа исто така навести дека Северна Кореја може да лансира повеќе проектили во Тихиот Океан.
По минатогодишниот рекорден број ракетни тестови, Северна Кореја годинава продолжи со таа практиката, тестирајќи интерконтинентални балистички ракети, ракети со краток дострел и, како што постои сомневање, крстосувачки ракетен систем со долг дострел.
Експертите велат дека целта на овие потези на Пјонгјанг е да ги принуди САД да ја прифатат Северна Кореја како нуклеарна сила и да ја зајакнат својата позиција во преговорите за многу потребните економски отстапки.
САД и Јужна Кореја најавија воена вежба, позната како „Штитот на слободата“, за следната недела.