Фото: Илустрација/Принтскрин

Украинска разузнавачка група влегла во рускиот регион Брјанск, веднаш над северната граница, во ненадеен напад, според известувањето на руската новинска агенција ТАСС која пренесува дека надлежните агенции информирале за судир со украински саботери, како и дека има мртви и ранети меѓу жителите на областа. Ваквите информации не се потврдени од независни извори.

Федерална служба за безбедност (ФСБ) на Русија во соопштение до руските медиуми наведе дека нејзините сили и војската се обидуваат да ликвидираат група на „вооружени украински националисти“, што ја преминале границата.

Гувернерот на Брјанск, Александар Богомаз тврди дека Украинците убиле едно лице, пренесе „Ројтерс“.

– Денес украинска група за саботажа и извидување продре во регионот Климовски. Саботерите пукаа во автомобил во движење. Еден жител е убиен, а десетгодишно дете е рането, како резултат на тој напад – напиша Богомаз на Телеграм, додавајќи дека украински вооружени сили извршиле напад со дрон и стрелале со артилерија во други области покрај границата.

Руските медиуми јавуваат дека украинска група од околу 50 членови ги заробила жителите во селото Сушани, каде што се слушаат експлозии и пукотници. Новинската агенција РИА наведува дека заложници се држат и во селото Лиубечан. Во Сушани се кренати во воздух трафостаницата и бензинската пумпа, велат од База.

– Шест жители на регионот Брјанск би можеле да бидат заложници на украинските саботери кои се инфилтрирале во две локални села од Черниговската област на Украина. Две села Љубечан и Сушани, кои се наоѓаат во областа Климовски, беа нападнати од диверзанти. Во тек е престрелка – пренесе ТАСС.