Фото: Принт-скрин

Руската државна телевизија Канал 1 изрази сомнеж дека новинарката Марина Овсјаникова, која ја прекина информативната програма на таа државна телевизија и ја осуди војната во Украина, можеби е британски шпион.

Марина Овсјаникова, овој месец, подигна натпис зад водителката која читаше вести во програма во живо, извикувајќи „Стоп за војната“. Таа беше ослободена од обвинението за организирање на неовластен јавен настан, но беше казнета со 30.000 рубљи по судското сослушување.

Заменик-генералниот директор на Канал 1, Кирил Клејменов, денеска реагираше на протестот на Овсијаникова, со тврдење дека 44-годишната новинарка можеби работи за британското разузнавање.

Клејменов, исто така, изјави дека Овсијаникова „ја предала својата земја“.

Канцеларијата за надворешни работи и Комонвелт на Обединетото кралство (ФЦО) ги отфрли тврдењата и рече дека немала никаков контакт со Овсијаникова.

-Не сме биле во контакт со Овсијаникова. Ова е уште една лага што ја продава машината за дезинформации-реагираат од ФЦО.

Ваквите тврдења доаѓаат една недела откако Овсијаникова рече дека се плаши за својата и безбедноста на своето дете, но дека не планира да ја напушти Русија.