Кремљ денеска соопшти дека Русија ќе ги почека новите предлози од САД за ставање крај на војната во Украина, нагласувајќи дека тие треба да бидат прифатливи и за Москва.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека Русија гледа оти САД, вклучително и американскиот претседател Доналд Трамп, искрено се стремат да пронајдат пат кон мирно решавање на конфликтот во Украина.
– Американците се искрени, претседателот Трамп е искрен, а неговите преговарачи искрено сакаат да формулираат решенија што ќе бидат прифатливи за сите – изјави Песков во интервју за новинарот Павел Зарубин од руската телевизија „Вести“.
Тој додаде дека Москва истовремено го зема предвид и фактот дека САД продолжуваат да ја снабдуваат Украина со оружје.
– Треба да го искористиме овој дуализам во позицијата на администрацијата на Трамп, во оној дел што одговара на нашите интереси – рече Песков.
Според него, Русија прифатила мировен предлог изготвен од американска страна, но тој бил одбиен од Украина.
– Варијантата што ни беше предложена ја прифативме, но Украинците не ја прифатија – изјави Песков.
Тој повтори дека Москва не смета дека военото решение е најпосакуваната опција, но доколку нема изгледи за мировни преговори, Русија ќе продолжи со воените дејствија.
– Продолжуваме со специјалната воена операција, односно продолжуваме да ги остваруваме нашите цели со воени средства. Тоа не е посакуваниот пат, но ако нема перспектива за мир, ќе продолжиме до крај, до целосна победа – посочи Песков.
Вчера рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Марко Рубио разговараа на маргините на состанокот на Асоцијацијата на државите од Југоисточна Азија (АСЕАН) во Манила, но нивната средба заврши без конкретен напредок, пренесува МИА.
Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера телефонски разговараше со специјалните пратеници на САД, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, за напорите за постигнување мир. Се очекува Зеленски следната недела да отпатува во САД, каде што ќе разговара со Трамп.
Преговорите за прекин на војната во Украина, што се водат со посредство на Вашингтон, се во застој откако вниманието на американската администрација беше насочено кон војната со Иран.

































