Научниците развија нов тип на „паметен“ инсулин кој реагира и се активира само кога ќе се промени нивото на шеќер, што би можело суштински да влијае на здравјето и квалитетот на животот на милиони луѓе ширум светот.
– Пациентите во моментов мора да си инјектираат синтетички инсулин неколку пати на ден за да преживеат. Постојаната флуктуација помеѓу високото и ниското ниво на шеќер во крвта предизвикува и акутни и хронични здравствени проблеми и има големо влијание врз психичката состојба на пациентите – пишува „Гардијан“.
Научниците велат дека пронашле решение за кое се тврди дека е најблиску до лек за дијабетес тип 1 – „паметен“ инсулин кој чека во телото и се активира само кога е потребно. Експерти од САД, Австралија и Кина наведуваат дека успешно дизајнирале нов тип на инсулин кој ја имитира природната реакција на телото на промена на нивото на шеќер во крвта и веднаш реагира.
Вообичаените дози на инсулин го стабилизираат нивото на шеќер во крвта кога ќе влезат во телото, но после тоа не можат да помогнат при идните промени, што значи дека пациентите мора да го следат нивото на шеќер во крвта и да земаат инсулин неколку пати на ден.
Новиот тип на инсулин GRI (инсулини кои реагираат на гликоза) се активираат само кога одредена количина шеќер се акумулира во крвта со цел да се спречи хипергликемија. Штом нивото на шеќер во крвта падне под одредена точка, инсулинот станува неактивен за да се избегне хипогликемија.
Во иднина пациентите ќе мора да примаат инсулин само еднаш неделно, сметаат експертите.
Шест проекти развија различни типови на „паметен“ инсулин. Тие вклучуваат тимови од американскиот универзитет „Стенфорд„, австралискиот универзитет „Монаш“ и кинескиот универзитет во „Жеџијанг“. Нивната заедничка цел е да го забрзаат развојот, за да може што поскоро да се користи новиот инсулин.