Фото: Кремљ

Рускиот претседател Владимир Путин во телефонски разговор со израелскиот премиер Нафтали Бенет, денеска изјави дека Киев треба да им нареди на украинските борци во фабриката Азовстал во Мариупол да го положат оружјето.

Се проценува дека под Азовстал има уште околу две илјади украински војници.

Рускиот претседател, исто така, рече дека неговата земја е подготвена да обезбеди коридор за цивили. Се верува дека во Азовстал има уште околу 200 цивили.

Нешто повеќе од 100 цивили успеаја да се евакуираат во текот на минатиот викенд.

Путин му се извини на Бенет и за неодамнешната изјава на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.

Рускиот министер за надворешни работи во интервју за италијанска телевизија во неделата изјави дека нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер има еврејски корени, додавајќи дека „најжестоките антисемитисти обично се Евреи“.

Следуваше остра реакција на Израел. Шефот на израелската дипломатија изјавата на Лавров ја нарече „непростлива и скандалозна“, а на разговор беше поканет и рускиот амбасадор во Израел. Израел притоа побара извинување од Русија.

Според израелскиот новинар Барак Равид, повикувајќи се на соопштение од кабинетот на израелскиот премиер, Владимир Путин денеска му се извини на израелскиот премиер Нафтали Бенет за изјавите на Сергеј Лавров.