Рускиот претседател Владимир Путин денеска најави дека жетвата на жито во Русија ќе достигне рекордно ниво и оцени дека санкциите за извоз на руско жито и ѓубрива може да доведат до глобална прехранбена криза, за што, како што вели, виновен е колективниот Запад.
– Продолжуваме да се соочуваме со тешкотии во извозот на житарки и ѓубрива, што е за жалење и за нас и за глобалниот пазар на храна – рече Путин, пренесува ТАСС.
Според него, „санкциите против Русија се закануваат дополнително да ја влошат ситуацијата, што ќе доведе до глобална прехранбена криза кон која светот се движи веќе неколку години“.
– Тоа нема никаква врска со руската специјална воена операција во Донбас. Тоа е резултат на финансиската и прехранбената политика усвоена од некои водечки земји. Таканаречениот колективен Запад секако е целосно виновен за тоа – додаде Путин.
Рускиот претседател изјави и дека жетвата на жито во земјата оваа година би можела да достигне рекордни 150 милиони тони, вклучувајќи 100 милиони тони пченица.
– Според експертите, жетвата на жито би можела да изнесува 150 милиони тони. Рековме прво 140 милиони тони, подоцна 145, па 147, а сега прелиминарната проценка е 150 милиони тони и околу 100 милиони тони пченица, што ќе биде рекорден резултат – нагласи Путин.