Фото: Претседател на Русија

Русија е подготвена да преговара со сите страни вклучени во конфликтот во Украина, но Киев и неговите западни поддржувачи одбиваат да учествуваат во разговорите, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин.

-Подготвени сме да преговараме со сите учесници во овој процес за прифатливи решенија, но тоа зависи од нив – ние не одбиваме да преговараме, туку тие – рече Путин во интервју за руската државна телевизија.

-Мислам дека дејствуваме во вистинската насока, ги штитиме нашите национални интереси, интересите на нашите граѓани, нашиот народ. И едноставно немаме друг избор освен да ги заштитиме нашите граѓани – нагласи Путин.

Рускиот претседател тврди дека е „100 отсто“ сигурен дека Русија ќе ги уништи американските ракети „Патриот“ во Украина и го критикуваше Западот за обидот да ја „распарчи“ Русија.

-Во с`ржта на сето тоа е политиката на нашите геополитички противници, кои имаат за цел да ја распарчат Русија, историската Русија – рече Путин.
-Тие отсекогаш се обидувале да „поделуваат и освојуваат“… Нашата цел е нешто друго – да го обединиме рускиот народ.