Фото: ЕПА / Илустрација

Во пукање во центарот на Прага, Чешка, убиени или повредени се повеќе лица, но точниот број засега не е познат, објави чешката полиција.

„Напаѓачот е елиминиран! Целата зграда моментално се евакуира, а на местото на настанот има неколку мртви и десетици повредени“, објави полицијата на социјалната мрежа Х, порано позната како Твитер.

Полицијата апелира граѓаните да не се задржуваат во непосредна близина на местото на настанот и да не излегуваат од дома.

„Интервенцијата на полицијата и натаму е во тек“, додаваат полициските службеници.

Засега полицијата не открива повеќе детали за жртвите и околностите за пукањето во главниот град на Чешка. Оттаму велат дека полицајците се распоредени ширум плоштадот поради пукање во училиште.

Во таа област се наоѓаат Филозофскиот факултет и Академијата за уметност, архитектура и дизајн. Повеќе детали од полицијата се очекуваат наскоро.

Министерот за внатрешни работи Вит Ракусан изјави за јавната чешка телевизија дека „не се потврдени други напаѓачи“ и ги повика луѓето да ги следат полициските инструкции.

Премиерот Петр Фиала рече дека ги откажал претстојните ангажмани поради „трагичните настани“ во центарот на Прага.