Фото: Маја Јаневска - Илиева

За британски „Економист“

Министерката за одбрана Славјанка Петровска во овогодишното издание „Светот во 2024-та“ на реномираниот „Економист“, се осврна на повеќе развојни процеси во одбраната и во армијата, особено процесот на нејзина модернизација и опремување, соопшти Минитерството за одбрана.

– На полето на модернизацијата ги видовме плодовите на она што години наназад го правиме – првенствено преку зголемувањето на одбранбениот буџет кој оваа година е на ниво 1,85 проценти од бруто-домашниот производ, како и преку одвојувањето на една третина од овие средства и нивно инвестирање во нова и модерна опрема – посочи министерката.

Таа истакна дека армијата годинава веќе се опремила со 32 ЈЛТВ современи оклопни возила, а оваа бројка ќе се зголемува во следниот период, додека потпишани се договори за набавка и на оклопни возила од типот „Страјкер“.

– За потребите на армијата се набавуваат нови системи за против-воздушна одбрана од Франција, артилериски системи од Турција, воведовме системско решение за одржување на постојните воени воздухоплови до набавката на нови хеликоптери, два транспортни хеликоптери се веќе на ремонт во Чешка и се очекува истите да бидат вратени во Северна Македонија во првата половина од 2024 година, а започнат е процесот и на набавка на дронови за потребите на државата – рече министерката.

Петровска во интервјуто потенцира дека оваа опрема припадниците на армијата ја заслужуваат затоа што тие се врвни професионалци кои се секогаш и секаде подготвени да им помогнат на граѓаните.

Таа најави дека, како и годинава, така и во 2024 година процентот наменет за модернизација ќе биде сличен, но дека одбранбениот буџет ќе порасне на ниво од два отсто од бруто-домашниот производ.

За 2024 година, Петровска изрази очекување првенствено вработените во одбраната, како клучна алка во одбранбениот систем, да го добијат местото кое го заслужуваат, исто како што со донесените измени во Законот за служба значително беше унапреден и стандардот на припадниците на АРМ.

Во контекст на геополитичката ситуација и руската агресија врз Украина, министерката го сподели своето сведоштво од посетата на оваа земја, при што истакна дека Македонија ќе продолжи да ја поддржува, согласно нивните барања и нашите можности дефинирани од страна на Генералштабот.

Петровска порача дека остануваме посветени во зацврстувањето на колективната безбедност на НАТО, преку учеството во рамките на мултинационалните сили на Алијансата во Бугарија, Романија и Летонија, додека истовремено даваме придонес и во мисијата на НАТО на КФОР и мисијата на ЕУ во БиХ, АЛТЕА, како начин за зацврстување на регионалната безбедност и стабилност.

– Следната година во Министерството за одбрана, проектите ќе продолжат да се реализираат онака како што се планирани. Одбраната ќе продолжи да функционира беспрекорно, а за секој припадник на Армијата и службеник во одбраната ќе се работи посветено и амбициозно. Во следниот мандат како министерка по изборите во 2024 успесите ќе бидат уште поголеми – вели министерката Петровска во интервјуто за „Економист“.