Фото: Принт-скрин

Руската новинарка Марија Овсијаникова доби парична казна и беше пуштена на слобода по нејзиниот упад во информативната програма на руската национална телевизија, во знак на протест поради војната во Украина, пренесува „Би-би-си“. При нејзиниот гест што го привлече вниманието на светската јавност, новинарката држеше транспарент со натпис „не на војната“, а претходно сними и видеопорака против оружениот конфликт.

Фото: Принт-скрин

По судското сослушување, Овсијаникова во изјава за медиумите рече дека била испрашувана 14 часа од властите, не спиела во текот на два дена, како и оти не ѝ бил овозможен пристап до правна помош.

Казната што Овсијаникова ја доби изнесува 280 долари (30.000 рубљи) и се однесува на видеопорака што таа ја сними. Таа се изјасни како невина за обвинението за организирање на неодобрен јавен настан, а нагласи и дека сама ја осмислија идејата за протестот.

Засега не е јасно дали против Овсијаникова ќе има дополнителни обвиненија поради телевизискиот протест, со што се посочува и можноста за нејзино соочување со посериозна казна под новиот руски закон поврзан со спомнувањето на конфликтот.

Фото: Телеграм

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков го оквалификува протестот на Овсијаникова како хулиганизам, додека украинскиот претседател ја пофали новинарката поради тоа што „ја кажала вистината“. Францускиот претседател Емануел Макрон порача дека Франција покренала напори за да ѝ понуди заштита на Овсијаникова, како и оти тој ќе дискутира со рускиот колега Владимир Путин за нејзиниот случај, во нивниот следен разговор.

Колегите на Овсијаникова се изненадени од нејзиниот гест. Поранешната новинарка на „Би-би-си“ на руски јазик, Фарида Рустамова истакна дека Овсијаникова никогаш не дискутирала за политика, туку најчесто зборувала за нејзините две деца, кучињата и нејзиниот дом.