Плановите за признавање на палестинска држава за Израел претставуваат „награда за тероризмот“ што би ги отежнало преговорите за решение за војната во Газа, сметаат израелските власти.
– Денешната одлука испраќа порака до Палестинците и светот – тероризмот се исплати. Откако терористичката организација Хамас го изврши најголемиот масакр на Евреите од холокаустот, откако тие извршија грозоморни сексуални злосторства на кои сведочеше целиот свет, овие земји решија да го наградат Хамас и Иран со признавање на палестинската држава – изјави израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац.
– Тоа е неправда кон споменот на жртвите од 7 октомври, удар врз напорите за враќање на 128-те заложници и охрабрување за Хамас и иранските џихадисти, што ја поткопува можноста за мир и го доведува во прашање правото на Израел на самоодбрана – додаде Кац.
Израел вети дека ќе го уништи Хамас и почна голема офанзива против Појасот Газа како одмазда за терористичкиот напад на 7 октомври, во кој загинаа повеќе од 1.170 луѓе, од кои повеќето цивили. Од 252 лица кои беа земени како заложници за време на нападот, 124 се уште се држат во Газа, вклучувајќи 37 мртви, според израелската војска.
Од 7 октомври, 35.647 Палестинци, повеќето цивили, се убиени во Појасот Газа во израелски бомбардирања и воени операции, според Министерството за здравство на Хамас, кој е на власт во Газа.
Крајно десничарскиот министер за национална безбедност на Израел, Итамар Бен-Гвир, дојде во комплексот на џамијата Ал Акса во Источен Ерусалим, изјавувајќи дека светото место и припаѓа „само на државата Израел“.
Во неговата прва посета на светото место во Ерусалим од 7 октомври, Бен Гвир од планината на храмот изјави дека „дипломатското признавање на палестинската држава е еднакво на наградување на Хамас“.
Опкружен со полиција, Бен Гвир во видео порака вели дека „во нивниот потег да ја признаат Палестина, Норвешка, Шпанија и Ирска ги наградуваат Нукба, убијците и насилниците“.
Припадниците на елитните сили Нукба на Хамас го предводеа нападот на 7 октомври врз јужен Израел, при што беа убиени 1.200 луѓе, а 252 беа земени како заложници.
Осврнувајќи се на видео снимка од неколку заложнички што треба да биде објавен вечерва, Бен Гвир вели дека „вечерва ќе добиеме дополнителни докази зошто Хамас мора целосно да биде уништен“, јави „Тајмс оф Израел“.
– За да го уништиме Хамас, треба да одиме во Рафа до крај, да ги искорениме – вели тој, повикувајќи да прекине доставата на гориво за Газа и да се ограничи хуманитарната помош.
Планината на храмот во стариот град на Ерусалим е најсветото место во јудаизмот. Познато кај муслиманите како Харам ал-Шариф или Благородничко светилиште, во комплексот на врвот на ридот е џамијата Ал-Акса, третото најсвето место во исламот.