Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, денеска се сретна со лидерите на Европската унија (ЕУ) пред почетокот на јунскиот самит и ги повика на одлучност од Унијата кон Украина и кон санкциите за Русија, јави МИА од Брисел.
По средбата со лидерите и по традиционалното обраќање пред Самитот, Мацола пред медиумите истакна дека „инсистирала на големата важност до крајот на јуни да се испрати позитивна порака до Украина која неодамна одговори на сите прашања од прашалникот на Европската комисија (ЕК) за добивање кандидатски статус“. ЕК во моментов го подготвува своето мислење кое треба да биде објавено во следните недели.
-Изборот со кој сме соочени е дали сакаме Украина да гледа кон Европа или дали сакаме Украина и остатокот од светот да се сомневаат во капацитетот на Европа, немаме друг избор освен да ја приближиме Украина, најлош сигнал би бил да покажеме колебање – рече претседателката на Европскиот парламент.
Таа додаде дека позицијата на Парламентот на ЕУ е недвосмислена и позитивна за следните чекори за доделување на кандидатски статус на Украина.