Марко Бислимовски

Се соочуваме со 105 милиони евра непланирани трошоци за електрична енергија од кои 30 милиони евра отпаѓаат на општините, а останатиот дел е на компании кои потпишуваат фиктивни договори со некои општини за да останат или се вратат на регулираниот пазар, иако не исполнуиваат критериуми, наместо да одат да набават струја на слободниот пазар, изјави вечерва претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски. Тој во емисијата топ тема на ТВ Телма, потенцираше дека таквите трендови мора да престанат и дека „при носење на одлука за цената на електричната енергија нема да дозволиме тој товар да падне врз грбот на граѓаните“.

-Ситуацијата е исклучително лоша и не очекувавме вакви удари од домашни компании и општини. ЕСМ мора да обезбеди 100 проценти од потребната електрична енергија на регулираниот пазар. Ако 40 отсто се набават на слободниот пазар тоа ќе значи катастрофа – изјави Бислимоски.

Бислимоски: Сметките за струја можно е да бидат повисоки за 10 проценти

Тој посочи на лошите прогнози за цената на електричната енергија за 2023 година на меѓународните пазари.

-Денес мислам дека предвидувањата за цела 2023 година е цената да биде 240 евра за мегават час на берзата Хупекс во Унгарија. Но, тоа е долната граница. Цената за мегават час сигурно ќе достигне 280 евра, со трошоците за обезбедување на преносен пат за таа струја и уште некои ситни давачки. Затоа ЕСМ, како знае и умее, мора да го зголеми сопственото производство и да да обезбеди 100 проценти од потребната електрична енергија на регулираниот пазар – рече Бислимоски.