Фото: ЕПА

Палестинската милитантна група Хамас соопшти дека нејзиниот преговарачки тим, предводен од високиот функционер Халил ал-Хаја, се сретнал со катарскиот премиер шеикот Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани и со шефот на египетското разузнавање Абас Камел за да разговараат за најновите случувања во Газа.

Во соопштението на Хамас се вели дека групата останува посветена на спроведувањето на прекинот на огнот врз основа на првичниот предлог на САД и дека нема да прифати нови услови од која било страна, очигледно мислејќи на инсистирањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху израелските војници да ги задржат позициите на Филаделфиската рута на границата меѓу Газа и Египет, објави Тајмс оф Израел.

Во соопштението не се споменуваат новите барања на Хамас за ослободување на затворениците кои отслужуваат доживотна казна во замена за првата група заложници, вклучувајќи жени, деца, болни и стари лица.

САД посочија дека наскоро ќе презентираат нова рамка на предлози за постигнување прекин на огнот.