Канадскиот премиер Џастин Трудо на прес за новинарите синоќа изјави дека е „многу вознемирен од ситуацијата“ со поздравувањето во парламентот на Канада на украински ветеран од Втората светска војна, кој беше претставен како херој од војната на Украина против Русите, но всушност бил припадник на германска СС дивизија.
Трудо кажа дека спикерот на парламентот Ентони Рот, чиј кабинет го поканил воениот ветеран, „ја призна својата грешка и се извини“. Поради инцидентот Полска побара извинување од канадското МНР. Русија испрати протестна нота.
-Мислам дека е најважно да настапиме против руската пропаганда, руската дезинформација и да продолжиме со нашата цврста и безусловна подршка за Украина – рече канадскиот премиер.
Скандалот со поканата во канадскиот Парламент на Јарослав Хунке, кој за време на Втората светска војна служел во составот на дивизијата „Галиција“ на СС се случи во петокот за време на заседание на парламентот во присуство на украинскиот претседател Володомир Зеленски, кој се обрати на заседанието. Спикерот Рот го претстави Хунке како „херој во борбата против Русите“ при што присутните, меѓу кои и Зеленски, неговата сопруга и Трудо, му укажаа чест со стоечко ракоплескање.
По реакција на неколку еврејски организации меѓу кои и Пријатели на центарот Симон Византел за изучување на Холокаустот Симон Византел од Канада дека Хунке всушност е бивш припадник на СС, спикерот ја призна грешката и веднаш испрати извинување.
Трудо посочи дека ниту тој ниту делегацијата на Зеленски не знаеле за поканата во парламанетот на поранешен член на СС.
Амбасадата на Русија испрати до МНР на Канада протестна нота. Полска побара од канадските власти извинување. Ситуацијата исто така ја осудија и ОН.
Дивизијата на СС учествувала во репресивните операции во југоситочна Полска и во дистрикт Галиција. Од есента 1943 година делови од дивизијата се користеле за воени операции против партизаните на територијата на источна Европа.
Од центарот Византел укажаа дека Првата дивизија на СС „Галиција“ „беше одговорна за масовните убиства на невини цивили со таква бруталност и злоба кои не можат да се замислат“.