Јелена Ѓоковиќ, програмска директорка на фондацијата „Новак Ѓоковиќ“

Траумата не е она што ти се случило. Траумата е она што се променило во тебе поради тоа што ти се случило, вели Габор Мате, унгарско-канадски доктор и автор, психотерапевт, експерт за детски развој и признаен специјалист во лекувањето зависности со над 40-годишно истражувачко и клиничко искуство. Автор е на повеќе меѓународни бестселери. А благодарение на фондацијата „Новак Ѓоковиќ“, неговите размисли пресликани во документарниот филм „Мудроста на траумата“ можат да се проследат и во Скопје. На премиерата беше присутна и Јелена Ѓоковиќ, програмска директорка на фондацијата „Новак Ѓоковиќ“.
– Секој родител има потреба неговото дете да биде среќно и да го прави тоа што најдобро го знае со свеста и знаењето што ги има и искуствата и перцепцијата за светот врз основа на тие искуства. Меѓутоа, задоволувањето на таа потреба не е нужно добро, често е дури и погрешно. Во филмот на д-р Мате, кога мајка си го камшикува своето дете и вели: „Ова го правам за твое добро“, тоа е свеста што се пренесувала генерациски и несвесно продолжила да се повторува, а тоа често се гледа во нашето општество – истакнува Јелена Ѓоковиќ, програмска директорка на фондацијата „Новак Ѓоковиќ“.

Фондацијата, заедно со своите основачи Јелена и Новак Ѓоковиќ, ја става благосостојбата на децата во преден план преку долгогодишната хуманитарна работа.
– Нашата фондација сака децата да растат во атмосфера каде што емоционалната интелигенција се вреднува еднакво како и интелектуалните достигнувања. Ние навистина веруваме дека децата не треба да се оценуваат врз основа на перформансите, туку треба да се создаде средина каде што сите ќе се охрабруваат да напредуваат. За да ги постигнеме овие цели, носиме светски познати и признаени експерти чиј фокус е работа со родители, како и теми што се важни родителите да ги слушнат за да бидат најдобрата верзија од себе за своите деца. Овој пат тоа е филмот на Габор Мате, кој го носиме во Скопје, Србија и во регионот – информираат од фондацијата „Новак Ѓоковиќ“.
Тие индиректно сакаат да учествуваат во трансформацијата на општеството, бидејќи сметаат дека општеството навистина ќе се трансформира кога децата ќе бидат воспитани да бидат во контакт со нивните чувства, автентично овластени да ги препознаат и изразат, да размислуваат критички и да бидат подготвени да се залагаат за нивните принципи.

За да ја постигнат оваа цел, повеќе од една деценија спроведуваат различни програми за родители, воспитувачи и деца. Ги подобруваат условите во кои растат децата, веруваат во нивните соништа и велат дека даваат сѐ од себе да создадат подобри услови за нивно растење.
– Сите имаме проблеми. Многумина од нас растат без да бидат свесни дека траумата што ја доживеавме во детството одиграла важна улога во создавањето на нашата личност. Регионот во кој живееме помина низ тешки времиња, кои оставија длабока трага кај сите нас. Дури и денес, тие времиња влијаат на тоа како размислуваме, како се однесуваме и на крајот како живееме – посочуваат од фондацијата.
За подобро да разбереме како да работиме со нашите деца, прво мора да се запознаеме себеси. Одговорите на сите прашања можеме да ги добиеме во раното детство, а Габор ги истражува токму тие одговори. Со документарниот филм „Мудроста на траумата“, Мате нуди нова перспектива: општество во кое родителите, наставниците, лекарите и службениците не се фокусираат на исправање на грешките во однесувањето, давање дијагнози, потиснување на симптомите и осудување, туку се обидуваат да се разбере изворот на овие проблематични однесувања. Тематиката на филмот ја следи најважната врска помеѓу мајката и детето – колку недостигот од допир може да влијае на бавниот развој на бебето, како мозокот се развива во интеракција со околината; потоа се префрла на патријархална доминација и суров однос на човекот кон мајката природа – „најомразената мајка“, како што ја нарекува Габор.
– Траумата е одвојување од себе. Кога човек не може да се справи со себе, бега од реалноста бидејќи реалноста била толку сурова кон него – вели Габор.

С.Ј.