Фото: Твитер

Советникот на украинскиот претседател Владимир Зеленски и членот на преговарачкиот тим Михаил Подолјак објави на својот официјален твитер-профил ги објави украинските барања по повод продолжувањето на мировните преговори со Русија.

– Преговори. Четврта рунда. За мирот, прекинот на огнот, повлекувањето на војниците и безбедносните гаранции. Тешка дискусија. Иако Русија разбира колку залудни се нејзините агресивни дејствија, сепак има заблуда дека 19 дена насилство врз мирните украински градови е вистинската стратегија – напиша Подолјак на Твитер.

Претставниците на Киев за време на денешните разговори со московската делегација мора да вложат максимални напори да организираат средба меѓу лидерите на Украина и Русија, изјави украинскиот претседател Владимир Зеленски.

– Претставниците на делегациите на нашите земји, секојдневно комуницираат во видео формат. Нашата делегација има јасна задача: да направи се што е можно за да одржи состанок на претседателите, состанок кој сигурен сум дека луѓето го чекаат. Разбравме дека ова  е тежок, но неопходен пат. И нашата цел во оваа борба, во оваа тешка преговарачка работа, е Украина да го добие потребниот резултат, кој е неопходен за нас, за мир, за безбедност – рече Зеленски.

Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави за ТАСС дека дијалогот меѓу претставниците на Москва и Киев ќе продолжи денеска преку видеоврска.

Подоцна, еден од членовите на украинската делегација, лидерот на парламентарната фракција на владејачката партија Слуга на народот, Давид Арахамија, најави дека разговорите ќе започнат во 10.30 часот, без да ја прецизира временската зона.